Не запираат трошоците за проектот „Скопје 2014“. Откако, во изминативе години, беа поставени осумдесетината споменици низ централното градско подрачје, на главниот град, се бара место и за нивните макети, изработени од идејните автори.
Нивното „згрижување“ месечно чини по 3.333 евра, односно за толку средства Град Скопје изнајмил магацински простор, каде што ќе се чуваат макетите.
Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, договорот за изнајмување на магацинот, градот го склучил со фирмата МЗР Заеднички работи АД Скопје, во вредност од 81.000 евра, за период од 24 месеци.
Освен вртоглавите суми потрошени за изработката на спомениците, внимание во јавноста предизвика и цената за која биле изнајмувани магацините, во кои авторите ги изработувале макетите. Па така, владиниот отчет покажа дека за оваа намена се трошеле од 300 евра до над 3.000 евра, месечно.
Од почетокот на годината, грижата за проектот „Скопје 2014“ ја презеде Град Скопје, откако општина Центар, по доаѓањето на градоначалникот Андреј Жерновски, се откажа од оваа обврска.