Градоначалникот Борче Стамов предизвикал сообраќајка?

by Fokus 16:13
16:13

Триесет и едногодишниот Блашко Петрески од Богданци е во критична здравствена состојба примен на скопските клиники, по сообраќајната несреќа што се случила во саботата на патот Дојран – Богданци кај браната Паљурци.

Во сообраќајката учествувале две возила. Во едното возило бил Петрески со неговата девојка, која исто така е повредена и хоспитализирана на скопските клиники, а во другото возило бил градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, кој претходно работеше како портпарол на МНР.

- Advertisements -

 

Според информации од семејството, Петрески и неговата девојка во саботата тргнале да се прошетаат до браната, каде и што се случила сообраќајката. Триесет и едногодишното момче моментално треба да се оперира, бидејќи скоро три дена, лекарите чекале да запре крварењето. Неговата девојка Благица има скршена карлица.

„Децата само што тргнаа на прошетка, ми се јавија дека се случила сообраќајката. Кога отидовме таму, имаше што да видиме. Син ми беше здробен во лицето. Колата е исто така, здробена. Во многу лоша состојба е и сега чекаме да го оперираат. Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов удрил во нив. После тоа, тој се појави во болницата, каде што сакаше да разговара со нас. Меѓутоа јас бев многу лут, па разговараше со мојата сопруга и со родителите на девојката на син ми. Им се извинувал за тоа што се случило“, изјави за „Фокус“ Стефан Петрески, татко на повреденото момче.

Тој додава, дека се уште размислуваат дали ќе покренат тужба. Семејството Петрески тврди дека властите сакаат да ја заташкаат работата затоа што се работи за нивни човек.

„Само да ми е здраво и живо детето. Знам зашто го штитат градоначалникот. Но, работата нема да остане така“, рече Петрески.

„Фокус“ контактираше и со првиот човек на Дојран, Борче Стамов. Тој потврди дека имало сообраќајка, но дека остава институциите да го разрешат случајот.

Од МВР досега нема никакви информации за случајот. Во ниту еден од билтените во овие два дена не се споменува сообраќајката.