Македонските власти уште во 2000 година имале документи за шверцот со цигари

by Фокус

Војската на СР Југославија (Србија плус Црна Гора) во деведесетите години шверцувала цигари од Македонија преку својата специјална фирма „Succes“ од Нови Сад, стои во документите кои во процесот против Станко Суботиќ на српскиот суд ги доставил Јордан Ристовски – Ливада, стечајниот управник „Македонија табак“, која била главниот снабдувач на цигари на српскиот пазар, јави денеска српскиот портал „Е-новине“.

Според порталот, Ристовски на судот му доставил и документи од кои се гледа дека „Македонија табак“ истата документација уште во 2000 година ја доставила и на македонските истражни органи во рамките на истрагата за шверцот на цигари. Судскиот совет соопштил дека Ристовски официјално го добил статусот на сведок и дeкa во тоа својотво ќе биде повикан на следниот главен претрес кој е закажан за фебруари 2014 година.

Во продолжението на повтореното судење на Станко Суботиќ пред Специјалниот суд во Белград, судскиот совет и страните во спорот прикажале официјални документи од македонската компанија од кои се гледало дека фантомската фирма „Success“ од Нови Сад, за која во обвинението се вели дека е во сопственост на Суботиќ, всушност била формирана во договор со македонскиот произведувач на цигари и Министерството за одбрана на тогашната СРЈ за „потребите на војската“.

Во низата на пропратни документи, кои биле означени како деловна тајна, раководството на „Македонија табак“ на своите вработени им дало прецизни упаства за посебните начини на работа со тогашната СРЈ, за да се избегнат санкциите кои во тоа време се уште биле на сила.Како што пренесува „Е-новине“ плаќањето меѓу двете држави одело исклучиво во кеш.

После овие информации од Белград, а поврзани за судски процес против шверцот на цигари од деведестите години, останува да заклучиме дека кај нас оваа тема владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја искористи само за серијал од прес конференции за политички напади кон Црвенковски и кон Фрчкоски, а на кои главна ѕвезда им беше контроверзниот Љубомир Магаш од балканското криминално подземје.

Останува да нагаѓаме зошто Никола Груевски кога бил министер за финансии, а истите документи што сега се релевантни за белградскиот суд му биле или би требало да му бидат познати, не се заложи оваа афера да добие судска завршница!?