Јапонскиот политиколог Кубо: Зошто не сте бесни поради Скопје 2014?

by Фокус

Пишува
Мери ЈОРДАНОВСКА

Се изненадивме кога дознавме дека Кеичи Кубо, универзитетски доцент од Јапонија, минал илјадници километри и дошол во Македонија трагајќи по материјал за новиот учебник по компаративна политика.

Но, кога подобро размисливме, сфативме дека нема подобар пример од оној во Македонија, кога станува збор за степенот на демократија, независноста на медиумите, борбата против корупцијата и јакнењето на институциите.

Триесет и осумгодишниот доцент по компаративна политика на универзитетот „Васеда“ го научил и српскиот јазик патувајќи по балканските држави.

Токискиот факултет на нашиот соговорник е дел од еден од најпрестижните универзитети во земјата на изгрејсонцето бидејќи од неговите клупи излегле 7 јапонски премиери и еден од најбогатите Јапонци, Тадаши Јанаи.

Кубо своето образование го заокружил во Лондонската школа за економија и за политички науки од каде што пак потекнуваат повеќе добитници и на Нобеловата и на Пулицеровата награда, како и светски лидери.

Кога ќе се крене маглава, страв ми е да не излезат уште споменици

Тој разговара со луѓе, прави компарации, се труди да го запознае одблиску менталитетот на луѓето. Разговара многу отворено и пријателски, а за крај, дури и ни подари јапонски чај, за како што вели, да се сеќаваме на нашата средба.

Последен пат во Македонија бил во 2006 година. Кога го прашавме дали забележува некаква разлика од тогаш, како од пушка ни одговори:
– Па, имате многу повеќе споменици отколку од пред 7 години. Кога ќе се крене маглава, страв ми е да не излезат уште повеќе бидејќи се обидував да ги бројам, но никако не успеав да добројам.

Не знаеме дали ги добројал бидејќи Кубо си замина од Македонија пред десетина дена, со чанта полна со белешки за тоа како работат медиумите, за степенот на корупцијата во земјава, за трошењето на народните пари.

Нѐ прашуваше и тој нас (немавме баш многу со што да се пофалиме), но го прашавме и ние него, кој е неговиот впечаток од посетатата во Македонија кој подоцна ќе биде преточен и во учебник за студентите по компаративна политика на јапонскиот универзитет.

Тој и неговите колеги веќе неколку години патуваат – дел од нив низ балканските држави, некои во Јужна Америка, а останатите во Африка, Индија и во други азиски држви. Додека седевме на утринско кафе, гледајќи ја предновогодишната атмосфера и насмеаните ликови низ кафулињата, тој ни рече:

– Гледајќи на дневно ниво, сѐ изгледа во ред. Луѓето се насмеани, нема криминални активности на улица. На површината изгледа добро, но најверојатно ситуацијата е поалармантна во внатрешноста. Очигледно е дека луѓето живеат од ден за ден. Кога бев во Африка и во Индија, донекаде можеше да се види гневот кај граѓаните, тој се читаше од нивните лица. Но, овде, како да не се критични, едноставно не се лути, а внатре се репресирани. Нема полошо од тоа за една демократија – вели Кубо.

Ниту еден претставник од власта не прифатил да се сретне со него

Во Македонија направил повеќе интервјуа со професори од универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, со претставници од невладиниот сектор, новинари и уредници, но ниту еден претставник од власта не прифатил да се сретне со него. На нашата средба сакаше да ги знае основните слабости во медиумскиот простор во земјава, а кога му ги опишавме, прокоментира:

– Кога бев во Косово го стекнав истиот впечаток. Оваа власт како да се служи со истите методи како што тоа го правеше Хашим Тачи – го користи буџетот како начин за поткуп на медиумите, и тоа е метод што речиси секогаш успева.

Јапонскиот доцент по компаративна политика почнал да се интересира за состојбата на Балканот уште во 1994 година, за време на војната во Босна и Херцеговина, додека тој бил студент.

– Тогаш паметам дека поранешниот специјален пратеник на генералниот секретар на ООН, Јасуши Акаши постојано го спомнуваше вашиот претседател Киро Глигоров и оттогаш се јави мојата желба да ги проучувам состојбите на Балканот – вели Кубо.

Оттогаш поминаа точно 20 години, а јапонскиот професор својот интерес го задржал само на Србија, Македонија и Босна – држави, за кои вели, изгледаат најдалеку од Европската унија.

– Овие три држави изгледаат како да се откажуваат од влезот во ЕУ. Дури и довербата на граѓаните во Европската унија опаѓа – вели тој.

Буџетскиот поткуп на медиумите е метод што речиси секогаш успева

Доцентот на Универзитетот во Токио беше запознаен со сите изборни нерегуларности во Македонија, со инертноста на Антикорупциската комисија, со владините реклами… А, сепак, вели тој, луѓето не се лутат.

– Кога луѓето ќе почнат да бараат повеќе од 10 евра понудени за избори и кога ќе почнат да се лутат, дури тогаш нешто ќе може да се смени. Патував во многу држави кои поминуваат низ долг процес на транзиција, но она што е загрижувачко е што секаде ја гледав лутината, освен тука. Тоа како да кажува дека луѓето се помирени. А единствените што можат да сменат нешто се луѓето – вели Кубо.

Додека разговараме, поминуваме покрај спомениците на плоштадот Македонија, пред да се поздравиме. Кеичи Кубо само погледна во Воинот на коњ и рече:

– Еве, токму за ова зборував. Мене како турист ми е интересно да го гледам ова, но не разбирам како кај вашите луѓе отсуствува лутината што ова е направено со нивни пари… и тоа многу пари – ни рече тој.

Македонија ќе се најде во јапонски учебници по компаративна политика. Ќе нѐ споредуваат со јужноамериканските држви, со африканските и со балканските. Да кажеме од старт дека компаративно нема да стоиме добро, барем според она што го предвиде Кеичи Кубо, доцент по компаративна политика на универзитетот „Васеда“ во Токио, кој е еден од авторите на учебникот.

Со младиот јапонски професор, кој правеше интервјуа со лица од различни области, се сретнавме минатата недела. Во Скопје доаѓа вторпат за да го истражува степенот на демократија, независноста на медиумите, борбата против корупцијата и јакнењето на институциите.

Ние немавме со што да се пофалиме околу „независноста“ на медиумите, но му ги прикажавме фактите такви какви што се.