Најновото испитување на јавното мислење во Македонија за потребите на „Фокус“ беше спроведено од 17 до 21 јануари оваа година. Неколку дена пред тоа, опозицијата ги обелодени документите за доделениот тендер од страна на Министерството за здравство, во висина од над еден милион евра, за набавка на медицинска опрема, на компанија која е поврзана со името на главната уредничка на дневниот весник „Вечер“ и на телевизија Сител, Ивона Талевска.
Истовремено беше објавено дека на адресата на телевизија Сител биле регистрирани повеќе други компании поврзани со бизнисот на оваа уредничка, која, заедно со уредништвото на весникот „Вечер“ и на телевизијата Сител, важи за еден од најсилните поддржувачи на владата и истовремено за најжесток критичар на опозицијата.
ГРАЃАНИТЕ НАМИРИСАЛЕ КОРУПЦИЈА НА МЕДИУМИТЕ
Врз основа на објавените документи, опозицијата побара од министерот за здравство, Никола Тодоров, да бидат објавени сите документи во врска со тендерот и изрази сомневање дека зад овој вид бизниси се крие модел на корупција на провладините новинари и медиуми во Македонија. Истовремено, опозицијата побара со овој случај да се позанимаваат и Државната комисија за спречување на корупцијата и јавното обвинителство.
Министерот Тодоров излезе со објаснување дека со доделувањето на тендерот не биле прекршени ниту законот, ниту која било законска процедура за доделување тендери, но откако дознал дека компанијата што го добила милионскиот тендер во Македонија била основана од мајката на уредничката Ивона Талевска, оценил дека сето тоа е „малку неетично“.
Компанијата, чие име се споменува во тендерот, која е со седиште во Белград, поради обвинувањата од опозицијата најави тужба за клевета, но до спроведувањето на истражувањето во јавноста не се огласи прозваната Ивона Талевска.
На социјалните мрежи се поведе жестока расправа за тоа дали во овој случај е сѐ според законот, дали е само „малку неетично“ или, пак, станува збор за разоткривање на моделот според кој владата на премиерот Груевски ги корумпира клучните медиуми и новинари во земјата и преку тој модел на корупција се одржува на власт?
Со цел да се дознае како граѓаните го перцепираат овој случај и што мислат за него, во анкетата на „Фокус“ им беше поставено прашањето: „Дали во случајот со тендерот во кој е вмешана Ивона Талевска сметате дека станува збор за корупција на медиумите или не?“
Како што може да се види од добиените одговори, 47,5 проценти од граѓаните на Македонија, врз основа на информациите што досега им биле достапни, сметаат дека во случајот со споменатиот тендер станува збор за корупција на медиумите во Македонија.
Еден од четворица, или 24,5 проценти, смета дека не станува збор за корупција на медиумите, 10,7 проценти рекле дека сѐ уште не можат да оценат, а 16,5 проценти дека не се информирани или дека не слушнале за случајот. Меѓу тие што сметаат дека се информирани, двапати е поголем бројот на граѓаните што сметаат дека во случајот со тендерот станува збор за корупција на новинари и медиуми од бројот на граѓаните што не гледаат корупција во тоа.
Интересни се одговорите на ова прашање според етничката припадност на граѓаните.
Така, на пример, од анкетираните Албанци, дури 65 проценти во случајот со тендерот за Ивона Талевска препознаваат корупција на новинари и медиуми, само 20 проценти (трипати помалку) не гледаат корупција во овој случај, само 6 проценти од нив сѐ уште не можат да оценат за што станува збор и само 7 проценти одговориле дека не се информирани за овој случај.
Меѓу анкетираните Македонци, 41 процент сметаат дека во случајот со овој тендер станува збор за корупција на новинари и медиуми, 26 проценти не гледаат корупција во случајот со доделувањето на овој тендер, 13 проценти одговориле дека сѐ уште не можат да оценат за што станува збор, а дури 19 проценти одговориле дека не се информирани, односно „не слушнале“ за случајот.
Од одговорите на граѓаните на ова чувствително прашање, излегува дека бројот на Македонците што не слушнале за случајот со тендерот во кој е вмешана Ивона Талевска, или што сѐ уште не знаат за што станува збор, e два и полпати поголем од бројот на Албанците што не слушнале за овој случај.
Останува нејасно и за истражувачите дали кај дел од Македонците станува збор за вистинска неинформираност или, пак, за „одбивање“ да се слушне нешто што е можеби непријатно за нивните уши. Ако се земе предвид дека оваа тема се однесува на корупција во македонски медиум и за познат македонски новинар, тогаш е малку веројатно дека вистински станува збор за неинформираност.
ЗАЕВ И ШЕКЕРИНСКА ВО БРИСЕЛ
По посетата на Али Ахмети на Софија, Атина и Брисел, со цел да се информира за разговорите околу името и да даде свој придонес во можното откочување на процесот на интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ, се случи и посетата на Зоран Заев и на Радмила Шекеринска на Брисел по покана од Комесарот на ЕУ за проширување, Штефан Филе.
Идејата на опозициските лидери беше својата посета и средбата со Штефан Филе да ја искористат за три работи. Првата беше потребата на опозицијата да се информира изворно за она што се случува во процесот на преговорите за името бидејќи владата и Груевски не сметаат дека е неопходно за тој процес да ја информираат опозицијата во земјата.
Второ, да се запознаат со очекувањата што Европската комисија ги има од Македонија и да дадат свои идеи за можно забрзување на некои реформски процеси во земјата.
И трето, да му соопштат на комесарот Филе, но преку него и на премиерот Груевски, дека опозицијата, за која гласаа 370.000 граѓани на последните парламентарни избори во Македонија, или 33 проценти од вкупниот број избирачи, мора да биде вклучена во тој процес и дека од неа, исто така, ќе зависи решавањето на многу прашања на патот на евроатлантското интегрирање на Македонија.
По одржаните средби и разговори на Заев и Шекеринска во Брисел, тие изјавија дека се задоволни од посетата и наведоа неколку идеи за кои било разговарано, не во врска со промената на името, туку, пред сѐ, во врска со можноста за зголемување на соработката и довербата меѓу Грција и Македонија.
Но, во дел од провладините медиуми, оваа посета на опозициските лидери на Брисел беше оценета како еден вид непријателска активност, како еден вид национално предавство, како мешање во работите на владата и како активност со која се слабее националното единство во Македонија во врска со одбраната на името.
Средбата беше означена како доказ за „предавничкиот карактер на опозицијата“ и на нејзиниот нов лидер, Заев, кој „преку продавање на името ќе сака да ја освои власта во Македонија“. Веднаш по оваа посета, владејачката партија ја интензивира агресивната негативна кампања преку спотови и билборди на кои се сугерира дека „На Заев не треба да му се верува!“.
Со цел да дознаеме како граѓаните гледаат на оваа посета на Заев и на Шекеринска во Брисел, во оваа анкета на „Фокус“ им беше поставено прашањето: „Дали средбата на Зоран Заев и Радмила Шекеринска со Штефан Филе во Брисел ја сметате за: корисна за Македонија, ниту корисна, ниту штетна или за штетна за Македонија?“
Како што може да се види од добиените одговори, 31,4 проценти од граѓаните, средбата на Заев и Шекеринска со Филе во Брисел ја оцениле како корисна за Македонија. Нешто поголем број од нив средбата ја оцениле ниту како корисна, ниту како штетна, а 18,9 проценти ја оцениле како штетна.
Во време кога постои доста голема разочараност кај македонското население од преговорите за почнување разговори за членство во Унијата, не е чудно што е доста голем бројот на граѓаните што сметаат дека резултатите од таквите средби се слаби, односно дека тие не се штетни, но не си ниту корисни, независно од тоа кој учествува во нив.
Но, негативната кампања на некои од провладините медиуми во однос на оваа средба, сепак, не убедила голем дел од населението дека средбата на Заев и Шекеринска со Штефан Филе во Брисел била штетна за Македонија. Напротив, бројот на тие што сметаат дека таквите средби се корисни за Македонија е речиси двојно поголем од бројот на тие што сметаат дека таквите средби се штетни.
Ако се погледнат одговорите на Албанците на ова прашање, тогаш се добива уште поповолна слика за оваа активност на опозициските лидери. За 39 проценти од Албанците во Македонија, средбата на Заев и Шекеринска со Штефан Филе во Брисел била корисна за Македонија, а само 7 проценти од нив одговориле дека била штетна.
ГРАЃАНИТЕ ОЧЕКУВААТ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ, НО НЕ И РЕШЕНИЕ ЗА СПОРОТ СО ГРЦИЈА
За 2014 година со сигурност се знае само дека ќе бидат одржани претседателските избори во Македонија. Но, многу повеќе од одговорот на прашањето кој ќе победи на тие избори, граѓаните кај нас се интересираат дали заедно со нив ќе бидат одржани и нови предвремени парламентарни избори, на кои реално се респределува политичката моќ во земјата.
Во однос на евроинтеграциите, граѓаните се изложени на дебати околу тоа дали ќе биде или нема да биде најден компромис за името и дали со компромис или без компромис Македонија може да почне разговори за членство во ЕУ. И на крајот, независно од сето тоа, граѓаните се најмногу заинтересирани за тоа дали во оваа година ќе се подобри или нема да се подобри економската состојба во земјата, а особено дали невработеноста ќе се намали или ќе остане на исто ниво.
Во врска со одговорите на сите овие прашања, покрај владата и опозицијата, секој граѓанин си прави свои оценки и проценки, во зависност од информациите што му се достапни, во зависност од довербата во оние што даваат јавни прогнози или ветувања за решавањето на тие прашања, но и врз основа на она што претставува негова лична желба, врз основа на неговите лични надежи и очекувања, па и врз основа на прогноза што се темели на неговото лично искуство од минатите години и проценката на состојбите во моментот.
Со цел да видиме какви се прогнозите на граѓаните во однос на наведените прашања, во ова испитување на јавното мислење, неделникот „Фокус“ на граѓаните им го постави прашањето кои се нивните очекувања во 2014 година:
Она во што несомнено се убедени најголемиот број граѓани во Македонија, независно од нивниот пол, образование, нивната возраст, работен статус или етничка припадност, е дека во 2014 година нема да биде најден компромис за името со Грција. Но, истовремено, доста висок процент граѓани во Македонија се убедени дека во 2014 година,
Македонија ќе почне разговори за членство во ЕУ и без решение за спорот за името. Ако се имаат предвид бројните иницијативи за почнување на разговорите под привремената референца и настојувањето Грција да не го попречува интегрирањето на Македонија под привремената референца, како што наложува пресудата на Хашкиот суд, тогаш не треба да изненадува надежта на над 40 проценти од граѓаните дека оваа година Македонија може да добие датум за почнување на разговорите и без решение за името со Грција.
Како и во јавната дебата околу изборите, секој втор граѓанин е убеден дека истовремено со претседателските ќе бидат одржани и вонредни парламентарни избори во Македонија, но речиси исто толкав број сметаат дека нема да бидат одржани или не знаат дали ќе бидат одржани.
И на крајот, сличен процент граѓани, колку што во оваа анкета рекоа дека имаат доверба во владата, очекуваат дека економската состојба во Македонија во 2014 година ќе се подобри и дека ќе се намалува невработеноста.
Анализата на одговорите на овие прашања, според етничката припадност на граѓаните, упатува на следниве заклучоци: Македонците се помали оптимисти од Албанците во однос на наоѓањето компромис за името и во однос на почнувањето на преговорите со ЕУ, Албанците имаат многу пониски очекувања во однос на подобрувањето на економската состојба во земјата и намалувањето на невработеноста, но две третини од нив се убедени дека во 2014 година ќе има и предвремени парламентарни избори.
Анализата на одговорите на граѓаните според другите социодемографски белези, како пол, образование, работен статус и возраст, не покажува значајни отстапувања од општите тенденции.
ДОВЕРБАТА ВО ВЛАДАТА НЕПРОМЕНЕТА ОД ПОСЛЕДНОТО МЕРЕЊЕ
На прашањето што гласеше: „Гледано во целина, дали во владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, имате или немате доверба?“, се добиени следниве одговори.
По падот на довербата во владата од септември до ноември, во последните два месеца не се забележуваат значителни промени. Во однос на одговорите на различните етнички заедници, исто така, нема значителни промени од последното мерење. Довербата кај Албанците е сѐ уште далеку пониска од онаа кај Македонците.