Анкета на „Фокус“ и „Рејтинг“

by Фокус

Невработеноста е проблемот што најмногу ги загрижува граѓаните на Македонија. Во сите досегашни испитувања на јавното мислење што се спроведени во Македонија, на прашањето што гласи: „Кој проблем во овој момент најмногу ве загрижува?“, одговорот секогаш бил невработеноста. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, во третиот квартал од минатата година, во активно население на Македонија (вработени и невработени заедно) спаѓале 957.417 лица, од кои вработени се 682.448, а 274.969 лица се невработени. Според оваа математика, стапката на активност во овој период е 57,3 проценти, стапката на вработеност 40,8 проценти, додека стапката на невработеност e 28,7 проценти. Вработени се всушност 44 од 100 лица на работоспособна возраст од 15 до 64 години. Само 35 од 100 жени работат надвор од дома, споредено со 52 проценти од мажите во таа возрасна група.

Изминатите пет години (2008 – 2013 година), невработеноста во Македонија се намалила за 5,4 отсто, односно просечно, на годишно ниво, стапката на невработеност се намалувала за 1,08 отсто и од 33,8 отсто во 2008 година, таа стигна до 31 процент на крајот од 2012 година, додека во 2013 година стапката се намалила на 28,7 отсто. Но, експертите се согласни дека поради слабиот пораст на домашното стопанство во изминатите години на економска криза, намалувањето на стапката на невработеност во Македонија не се должи толку на отворањето нови работни места, туку повеќе на средувањето на евиденцијата на невработените во Агенцијата за вработување, односно бришење од списоците на невработените, на тие луѓе што остваруваат други приходи или не ги исполнуваат законските услови за да се водат како невработени лица.

Но, и со стапката на невработеност од 28,7 проценти, Македонија е  меѓу земјите со највисока невработеност во Европа, а нискиот раст на БДП и ниското ниво на странски инвестиции во земјата проблемот го прават нерешлив за голем број лица и семејства на долг рок.

Ако се има предвид дека во Македонија пред 20 години, односно во 1991 година имаше околу 450 илјади вработени лица, тогаш станува јасно дека за 20 години во Македонија биле отворени само 200 илјади нови работни места или во просек по 10 илјади нови работни места годишно. Од тие 200 илјади новоотворени работни места, околу 60-70 илјади се во јавната администрација, со што станува јасно дека реалниот сектор не отвора доволен број работни места за да биде совладана невработеноста.

Доколку нашата економија почне да расте дури и со стапка на БДП од 6,5 отсто годишно, според економските аналитичари, на Македонија би ѝ биле потребни 25-30 години за да стигнеме до просечното ниво на невработеност на ЕУ, кое изнесува околу 10 отсто.

Имајќи предвид дека зад секое невработено лице во Македонија се крие судбината на еден човек и сериозните проблеми на неговото семејство, низ ова истражување беше направен обид да се дознае кои се, пред сѐ, невработените лица во Македонија, како преживуваат, од што живеат во периодот на невработеноста и кои се нивните очекувања и надежи.

КОИ СЕ НЕВРАБОТЕНИТЕ ЛИЦА ВО МАКЕДОНИЈА?

Во Македонија, само 45 проценти од тие што се водат во евиденцијата за невработени, првпат бараат работа и никогаш не работеле до сега. Поголемиот број од евиденцијата за невработени, како што може да се види од графиконот бр. 1, се лица што останале без работа поради стечај на фирмите или поради напуштање на работните места од разни причини.

Над 27 проценти од невработените, како што може да се види од графиконот бр. 2, изјавуваат дека се без работа повеќе од 10 години и многу е мала веројатноста дека таа бројка на невработени лица воопшто може  да најде работа, особено со оглед на фактот што меѓу нив најбројни се лицата со ниско образование и без квалификации, како и лицата на возраст од над 54 години. Имено, од околу 280 илјади невработени лица, само 40 илјади се со вишо и високо образование, меѓу кои доминантни се лицата со дипломи од општествените науки.

Над 40 проценти од невработените во ова истражување изјавиле дека во последните 4 недели не барале работа, а меѓу нив најбројни се лицата без образование и повозрасните, кои веројатно по долгото чекање работа ја губата волјата за барање работа.

Секое четврто невработено лице одговорило дека аплицирало на конкурси за вработување во некоја компанија или институција, секое трето одговoрило дека ги следи објавените конкурси во весниците и на интернет, но над 50 проценти се обидуваат овој проблем да го решат преку роднини и пријатели, речиси 20 отсто се обидувале да дојдат до работа преку политички партии, а само на 3 отсто им била понудена работа или обука за вработување преку Агенциите за вработување.

Меѓу невработените лица голем е бројот на тие што ниту располагаат со модерните вештини и знаења за доаѓање до работа, ниту се наоѓаат во процес на перманентна едукација и доусовршување.

Секое трето лице од евиденцијата на невработените изјавило дека не знае да работи на компјутер, а 34 проценти изјавиле дека воопшто не користат интернет. Од сите пријавени лица што бараат работа, дури 47 проценти изјавиле дека немаат своја имејл-адреса.

Само 20 проценти од невработените лица изјавиле дека знаат одлично или многу добро говорат англиски јазик, а само 10 проценти од сите невработени го продолжуваат своето образование и од денот кога се невработени.

БЕЗНАДЕЖНОСТА НА НЕВРАБОТЕНИТЕ

Наспроти информациите од владата за зголемените странски инвестиции во земјата и бројните роуд-шоуа на премиерот и на министрите од владата, и наспроти бројните реклами за поволната бизнис-клима во Македонија и нудењето на евтината и стручна работна сила, најголем број од невработените лица во Македонија сметаат дека нивните шанси за вработување денес се помали отколку пред две години.

Само 4 проценти од невработените оценуваат дека во наредните 12 месеци имаат многу добри шанси да се вработат.

КЛУЧНО ЗА ВРАБОТУВАЊЕ Е БЛИСКОСТА ДО ПАРТИИТЕ НА ВЛАСТ

Невработените ги сметаат политичките партии за главен канал за вработување. Над 88 проценти од нив сметаат дека денес во Македонија може да се вработиш само преку блискост со политичка партија.  Но, дури 47 проценти од невработените лица во Македонија сметаат дека денес е целосно бескорисно да бараат работа, односно имаат изгубено надеж дека ќе најдат работа за себе.

Поради улогата на партиите како главни вработувачи, над 20 отсто од невработените лица или околу 60 илјади од вкупниот број невработени се членови на некоја од политичките партии. Почесто во партиите членуваат невработените Македонци (22%) од невработените Албанци (17%), невработените со високо образование (24%), во однос на оние со основно (18%) и почесто невработените мажи (24%), во однос на невработените жени (18%).

КОЈ Е НАЈГОЛЕМИОТ ВИНОВНИК ЗА НЕВРАБОТЕНОСТА?

На прашањето кој е најодговорен за високата стапка на невработеност во Македонија, невработените оценуваат дека за тоа се виновни, пред сѐ, политичките партии, сегашната влада, но и сегашната опозиција.

Оттука, и покрај високата партизираност на невработените, не треба да се очекува нивно зголемено учество на изборите. Напротив, поради високата недоверба во партиите, нивната излезност на изборите ќе биде прилично ниска.

БАРААТ РАБОТА ВО СТРАНСТВО

Во услови на висока безнадежност, над 45 отсто од невработените лица размислуваат да бараат работа во странство. Бројот на тие што бараат работа во странство е особено голем меѓу младите и високообразованите.

Според податоците од Националниот совет за млади во Македонија, младите од земјава мигрираат за 60 отсто повеќе од светскиот просек. Во последната деценија, според истиот извор, околу 12 проценти од населението од Македонија заминале на работа во странство. Ако на светско ниво младите се застапени со 10 проценти во мигрирањето, во Македонија во 2012 година, 16 проценти од граѓаните кои постојано или привремено мигрирале во странство, се млади.

КОИ СЕ ИЗВОРИТЕ ЗА СОЦИЈАЛНИОТ МИР ВО ЗЕМЈАТА?

Истражувањето покажа дека 20 проценти од лицата што се невработени, или околу 60 илјади лица живеат во семејства во кои ниту едно лице нема редовни месечни примања.

Главниот извор за преживување во услови на невработеност во Македонија е семејната солидарност. Над 80 отсто од невработените изјавиле дека за време на невработеноста се финансираат од приходи на другите членови во семејството.

Делењето на семејните приходи на многу усти ја прави поднослива, но не и добра состојбата во семејствата во кои има невработени лица. Речиси 60 проценти од невработените, економската положба на своите семeјства ја оценуваат како многу лоша, а уште 30 проценти како лоша. Исто така, на дури 56 отсто од семејствата со невработени лица, вкупните месечни приходи на семeјството не им се доволни ниту за покривање на основните егзистенцијални потреби, односно се наоѓаат под прагот на социјалната издржливост, а уште 40 проценти изјавуваат дека вкупните месечни приходи им стигнуваат за едвај да врзат крај со крај во месецот. Но, само 4 отсто од нив изјавиле дека до сега учествувале во некој штрајк или социјален протест организиран од страна на синдикатот или од невладините организации.