Минчо Јорданов: Му плаќав на Зоран Божиновски

by Фокус

Пишува
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Јорданов во својот исказ истакна дека на новинарот Зоран Божиновски услугите му ги плаќал од 5.000 до 10.000, без да прецизира дали станува збор за евра или денари. На прашањето на судијата, со што точно Божиновски ги заслужил овие пари, бизнисменот без да навлегува во детали штуро кажа дека сѐ се вртело околу неговиот бизнис, а Божиновски имал задача да спроведе операции во бизнисот, кои на крајот сепак се покажале неуспешни.

Јорданов зборуваше и за неговата соработка со обвинетиот Миќо Насковски, кој го назначил за претседател на Управниот одбор на „Бетон“. Раскажа дека соработката со него ја раскинал поради недомаќинско работење, односно како што рече, му нанел штета од 250.000 евра, при купување на акциите на „Бетон“.

Откако ја раскинале соработката, Минчо истакна дека почнал да добива притисок и уцени.

-Добивав пораки, со гнасна содржина, кои го нарушуваа мојот углед но и на моето семејство. Една година на сајтот „Буревесник“ излегуваа текстови кои служеа за уцена и притисок, а дури ја вмешаа и мојата сопруга, па се одеше дури до таму дека „Ремедика“ е вмешана во  трговија со органи, а дури и дека ќерка ми со момчето биле вмешани во трговија со кокаин, рече Јорданов, додавајќи дека по сето ова се собрале на состанок во „Макстил“, со цел да се решат проблемите.

Истакна дека на состанокот, Миќо Насковски, и останатите негови соработници му барале милионски суми, под изговор дека му ги должел за услугите што ги направил кога бил претседател на Управниот одбор. Како што рече Јорданов, на состанокот присуствувал и обвинетиот Маријан Маџовски, доскорешниот шеф на кабинетот на Трајко Вељаноски.

Тој, според исказот на Јорданов, го подржувал барањето на Насковски и тврдел дека бизнисменот Минчо треба да му ги плати побарувањата.

Бизнисменот на крајот рече дека не подлегнал на уцените и не платил ниту денар, бидејќи инаку требало и тој да биде во истата група.

Трифун Костовски, пак, раскажа за релацијата со обвинетите Ване Цветанов и Горан Стојков. И на двајцата им помагал финансиски. На Цветанов, кога бил разрешен од функцијата директор на Управата за спречување на перење на пари и корупција. Горан Стојков, пак, го познавал од времето кога бил во притвор за случајот „Раштански лозја“. По излегувањето од затвор, доброволно му дал пари, со кои Стојков отворил Агенција за обезбедување и спасување.

-Кога видов дека на платен список стои и името на Миленко Неделковски се стаписав, рече Костовски.

За новинарот Божиновски, пак, рече дека не му барал директно пари, но го уценувал со наводни информации поврзани со раководството и ракометарките во РК Куманово, клуб кој го спонзорирал сведокот.

-Се служеше со лесни трикови што не беа прифатливи, додаде Костовски.

По него сведочеше и неговиот син Коста Костовски. Тој раскажа дека Божиновски се обидувал да стапи во контакт со него, бидејќи како што објасни, му се заканувал дека поседува информации како местел фудбалски натпревари. Коста истакна дека никогаш не прифатил средба и не подлегнал на уцените.

Меѓу уценетите бил и адвокатот Сашко Лазаров, кој зборуваше конкретно во суми. Истакна дека некој што му личел на Божиновски, дошол кај него во канцеларија и претставувајќи му се како инспектор на ДБК му рекол дека поседува информации негова вмешаност во приватизирање на фирма.

-Прво ми бараше 300.000 евра, а пота се симна на 50.000 евра. Јас го пријавив во полиција, бидејќи обвинувањата упатени кон мене не беа точни. Кога се договоривме со полицијата како да го наместиме, тој ми се јави и рече дека е информиран дека сум го пријавил, поради што ми се закани дека ќе сум страдал, заврши сведокот.

Со обвинението за случајот „Шпион“, за уцена, изнудување и шпионажа се теретат 19 обвинети.