Албанците не ја сакаат Владата, ама го поддржуваат Ахмети!

by Фокус

Во оваа анкета на „Фокус“ и „Рејтинг“ ги прашавме граѓаните за довербата во владата и посебно во премиерот Груевски, дали со евентуална промена на власта би се подобрила или би се влошила состојбата, а вообичаено го измеривме и рејтингот на политичките партии.

Испитувањето беше спроведено по телефон врз репрезентативен примерок од 1.560 полнолетни граѓани од Македонија, во текот на февруари.

ДОВЕРБАТА ВО ГРУЕВСКИ ПОВИСОКА ОД ДОВЕРБАТА ВО ВЛАДАТА

Повеќе од половина граѓани на Македонија не го одобруваат начинот на кој Никола Груевски ја врши функцијата премиер на Р. Македонија во последните три години, кога последен пат ја доби довербата на граѓаните за мандатар.

На прашањето: Дали го одобрувате начинот на кој Никола Груевски ја извршува функцијата премиер на Република Македонија во последните три години? Добиени се следните одговори.

Сепак, нивото на одобрување е повисоко кај етничките Македонци од кои половината во истражувањето рекле дека го одобруваат неговото работење додека 44 отсто рекле дека не го одобруваат. Етничките Албанци, пак, како по правило, на сите прашањa поврзани со премиерот даваат негативни оцени. Па, така, дури 83 отсто од анкетираните Албанци се изјасниле дека не го одобруваат работењето на премиерот од 2011 до сега.

Дури и кога граѓаните се незадоволни од владата, од коалицијата на власт или од премиерот, за нивното изборно однесување, од клучна важност е перцепцијата за постоење или непостоење политичка алтернатива во земјата. Врз основа на нивната увереност дека со промената на власта може да се очекува дека состојбите во земјата ќе се менуваат на подобро, тие конечно избираат како ќе се однесуваат за време на изборите и дали ќе ја казнат актуелната власт, а ќе ѝ дадат доверба на опозицијата.

Поаѓајќи од оваа претпоставка, во анкетата на граѓаните им беше поставено и прашањето кое гласеше: Според вас, дали со евентуална промена на власта, состојбата во Македонија би се подобрила, би останала иста или би се влошила?

 На ниво на нациoналното гласачко тело, само 24,0 отсто од граѓаните сметаат дека со евентуална промена на власта во Македонија состојбата би се влошила, но дури 33,8 отсто сметаат дека ништо значајно не би се променило. Тоа што толкав процент од граѓаните сметаат дека ништо не би се променило упатува кон зголемена недоверба на граѓаните, не само кон партиите на власт, туку и кон она што се нуди како политичка алтернатива во земјата.

Сепак, ако се погледнат одговорите на ова прашање добиени од граѓаните на двете најголеми етнички заедници во земјата, се добива следната слика.

Меѓу  Македонците, 28 отсто сметаат дека со евентуална промена на власта состојбата во Македонија ќе се подобри, 27 отсто сметаат дека со промена на власта состојбата би се влошила, а 35 отсто сметаат дека состојбата ќе остане иста како и до сега.

За разлика од нив, 45 отсто од Албанците во Македонија сметаат дека со евентуална промена на власта во Македонија состојбата ќе се подобри, само 15 отсто сметаат дека состојбата ќе се влоши, а 33 отсто или речиси ист број како и меѓу Македонците сметаат дека состојбата и во тој случај ќе остане иста.

Она што може да доведе до забуна во однос на одговорите на етничките Албанци е тоа што голем процент сметаат дека состојбата ќе се подобри со промена на власта, но сѐ уште поголем дел од Албанците би гласала за ДУИ. Факт е дека Албанците не го поддржуваат Никола Груевски и неговите политики, но тоа воопшто не ги спречува најголем дел од нив да гласаат за верниот коалициски партнер на Груевски, Али Ахмети.  

ПРЕДНОСТА НА ВЛАДЕЈАЧКИТЕ ПАРТИИ СЕ НАМАЛУВА

Оцените на граѓаните за довербата во владата, коалицијата на власт, начинот на кој Груевски ја извршува функцијата премиер или за тоа што би се случило со промената на власт се несомнено важни индикатори за можното изборно однесување на граѓаните на следните претседателски или предвремени парламентарни избори.

Но, сепак, рејтинзите на партиите секаде во светот, па и кај нас се пресметуваат врз основа на одговорот на прашањето, кое гласи: Кога утре би се одржувале парламентарните избори, за која партија најверојатно би гласале?

Како што може да си види од добиените одговори, се уште над 30 отсто од оние што рекле дека најверојатно ќе гласаат за некоја од партиите, (без оние што рекле дека нема да излезат на избори) рекле дека сѐ уште не знаат за кого ќе гласаат.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и три години по изборите ја одржуваат предноста пред СДСМ и ДПА од времето на парламентарните избори во 2011 година. Но, таа разлика, како што може да се види од следниот графикон, полека се смалува и останува да се види колку и дали може опозицијата да направи пресврт во изборната кампања.

Иако во оваа фаза излезноста на изборите тешко се предвидува, на прашањето „Ако утре се одржуваат парламентарните избори дали ќе излезете на гласање?“, 18,2 отсто од Македонците одговориле дека со сигурност нема или најверојатно нема да излезат да гласаат, а кај Албанците тој процент на неизлегување е 31,4 отсто.

Имајќи предвид дека на избирачките списоци се наоѓаат и иселените државјани како и лицата кои се привремено отсутни, тогаш може да се претпостави дека излезноста од запишаните во избирачкиот список, на национално ниво нема да биде поголема од 62 отсто, и тоа кај Македонците може да достигне до 69 отсто, а кај Албанците најмногу до 50 отсто.