Љубе не се појави на суд, испрати абер дека не им верува на институциите!

by Фокус

Љубе Бошковски денеска не се појави во Апелациониот суд, каде што требаше да се разгледуваат жалбите на осудените во случајот „Ровер“. Тој од затворот „Идризово“ испрати абер дека не ги признава судските институции во земјава и затоа не сака да присуствува на јавната седница.

-Бошковски ми кажа дека неговото барање да не присуствува на рочиштето е иницирано од неговото мислење дека веќе не може да поклони верба во непристрасноста во судството и смета дека овој предмет како и „Кампања“ ќе има некоја инерција во одлучувањето.

Што се однесува до постапката, ние ги изнесовме сите логични заклучоци и факти, од кои сметаме дека судот има доволни докази да ја преиначи првостепената одлука и мериторно да одлучи по предметот, истакна адвокатот Константин Кратовалиев.

Покрај Љубе, поради здравствени причини отсуствуваше и Никола Негриевски.

Присуството на осудените не е задолжително, но сепак беше одлучено јавната седница да се одложи бидејќи еден од осудените Зоран Трајковски, не беше уредно повикан.

Поточно, судот поканата за присуство му ја испратил до истражниот затвор „Скопје“, иако тој уште пред четири месеци беше префрлен во затворот во Прилеп.

Јавната седница се одложи за 28 март, кога одбраната на осудените треба да ги образложи жалбите за првостепените пресуди. Според пресудата на Основниот суд Скопје 1, Бошковски беше осуден на 12 години затвор, заради „психолошко помагање“ на убиството на Марко Тушевски и Кире Јанев.