Технички превид била одлуката на општината Кисела Вода во која се забранува во зградите да се чуваат кучиња без педигре. Откако „Фокус“ објави сторија со жестоки реакции на здруженијата за заштита на животните, на веб-страницата на општината осамна соопштение во кое се вели дека превидот ќе бил исправен на следната седница на Советот на општината.
„Ве известуваме дека е направен технички превид во врска со делот од член 89 од одлуката на Советот на Општина Кисела Вода во врска со одгледувањето на домашните миленици во колективните згради. Дека се работи за превид, говори и фактот што досега на територија на општина Кисела Вода не е постапено по ниту еден случај, односно не е изречена ниту една казна согласно овој член од одлуката. Превидот ќе биде исправен на првата следна седница на Советот на општината, а дотогаш општинските инспектори нема да постапуваат по него“, пишува во соопштението.
Со други зборови, на жителите на Кисела Вода ќе им биде дозволено да чуваат и улични кучиња кои ќе решат да ги вдомат, па дури и да немаат педигре!
– Самата одлука, освен што беше противуставна, беше и смешна. Да им се забрани хуманоста на граѓаните и да им се наложи каков миленик смеат да чуваат се коси со сите човекови права, почнувајќи од правото на сопственост завршувајќи до правото на избор. Дури и да било технички превид, се уште се проблематични други одредби што ги предвидуваат дел од општините, како на пример барањето согласност од куќниот совет за чување миленик. Срамно е една општина да протнува дискриминаторски одлуки на мала врата. За сето ова потребни се дебати, а ние им стоиме на располагање на сите општини кои сакаат да ги слушнат нашите ставови, поткрепени со искуства од други држави – вели Венера Петкоска, претседател на Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ).
Но, дали навистина станува збор за превид или пак општините едни од други си ги препишуваат одлуките што ги носат? На пример, ако ја погледнете одлуката на општина Кисела Вода и одлуката на општина Штип ќе видите еден збор кој не постои во македонскиот јазик. Одлуката на двете општини гласи вака:
„Не е дозволено чување на кучиња со ќут на постојано лаење и завивање“.
Ако го проверите македонскиот правопис, ќе видите дека зборот „ќут“ не постои. Правилно е „ќуд“, „нарав“, „карактер“, а зборот „ќут“ очигледно е уште еден технички превид кој се повторува кај голем број општини кои донесоа одлуки околу начините на чување домашни миленици! Кој од кого препишувал, не се знае. Но, сите препишале погрешно!