Отишла на клиника, завршила на извршител

by Фокус 14:17
14:17

Пишува
Ирена МУЛАЧКА

Тешките човечки судбини во Македонија немаат крај. Веќе осум години по ред, скопјанката Милка Илијевска се труди да докаже дека не е „криминалец“, откако во далечната 2006 година, скопската Клиника за токсикологија ѝ поднела тужба за неплатени долгови. Таа, како и секој пациент имала потреба од испитување – ехо на абдомен на клиниката, но, сепак, не очекувала дека еден ден на врата ќе ѝ затропа судскиот курир со тужба в рака.

- Advertisements -
Banner 300x250_

Оттогаш почнува нејзината голгота по судските лавиринти. Таа била обвинета од Клиниката, дека не го исплатила долгот за направените испитувања, кои биле наброени на цел список. Илијевска тврди дека направила само ехо на абдомен, за што уредно платила партиципација од 100 денари со сини картони.

– Немам зборови да опишам низ што сѐ поминав во последните неколку години. Одиш на лекар да се лекуваш, заработуваш тужба. На клиниката морав да ѝ платам 2.450 денари за испитувања, кои не сум ги направила. Јас направив само едно испитување, а тие ми додадоа уште неколку, за само да соберат повеќе пари. Од тогаш се плашам да одам на лекар. Страшно – раскажува Илијевска.

По макотрпна борба, нејзината судска голгота завршила, но, сепак, тоа не ја спасило на извршител да му исплати 7.800 денари.

– Едвај го преживуваме месецот. На целата сиромаштија, јас плаќам на извршител за некои испитувања што не сум ги направила. Дали е тоа фер. Што е поентата, да печалат на грбот на пациентите? Дома имам син со хендикеп, кој боледува од епилепсија. На моите маки им нема крај. Со овој случај е запознаен и министерот за здравство, но тој не реагира – тврди Илијевска.

Иако оттогаш поминале осум години, скопјанката не прекинува да ја бара правдата. Таа за овој случај пред два месеца поднела пријава до Државниот здравствен и санитарен инспекторат. По долго чешлање на обемните документи, од ДСЗИ донеле одлука дека Илијевска не треба ништо да плаќа.

За разлика од неа, директорот на Токсикологија, Андон Чибишев вели дека за овој случај бил запознаен, дури откако клиниката ја посетиле здравствени инспектори.

– Јас во тоа време не сум бил директор. Но, според информациите што ги имам, пациентката дошла без документи и без сини картони. Ја почекале два месеца да плати, ѝ пуштиле три опомени, па дури потоа ѝ била поднесена тужба. Таа имала болка во стомакот, ние излегуваме во пресрет, ја прегледуваме, а таа нѐ кодоши. Околу 10 милиони денари имаме за земање од пациенти, кои вршеле испитувања, а не платиле – истакна доктор Чибишев.