„Фокус“ дознава: Зеќири „заглави“ поради физибилити студија за приватизација на „Пошти“

by fokus

Обвинителството денеска информираше дека е отворена истрага против генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири и двајца хрватски државјани, за наводна проневера на 145.000 евра. Поточно истрагата е отворена поради сомнеж за незаконски договор за консултантски услуги.

Како што дознава „Фокус“, од добрупатени извори, станува збор за договор поврзан со Македонски Пошти, поточно за изработка на фезибилити студија за приватизација на Пошти.

Оваа физибилити студија беше најавена од Владата кон крајот на 2020 година потребна за продажба на Македонски Пошти. Односно од неа требаше да се утврди дали ќе се оди со приватизација или со јавно приватно партнерство.

„Владата ги задолжи заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министерот за економија и директорот на Национални пошти да иницираат поодготовка на физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно-приватно партнерство или со приватизација за да продолжи процесот на либерализација на поштенските услуги во земјата согласно регулативата на ЕУ“, се наведуваше во владиното соопштение од 2020 година.

Од Обвинителството пак споделија информација за тоа колку пари биле проневерени.

-Во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги, велат од Обвинителството.

Се очекува одлуката на Кривичниот суд за тоа дали на Зеќири ќе му биде одреден притвор. Двајцата хрватски државјани, пак, засега не се достапни.

Валентина Вурмо

Поврзани новости