Во моментов се вршат претреси и во домовите кај дел од вработените на скопската Клиника за онкологија, откако претходно инспектори и обвинители упаднаа во болницата, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, Секторот за економски криминал и корупција на МВР заедно со ОЈО цела вечер се на терен, а во моментот се вршат претреси и во домовите, односно се бараат дополнителни материјали од тоа што претходно можело да се најде на клиниката.
Како што дознаваме, од Онколошката клиника биле одземени компјутери и медицински истории на пациенти.
Откако објавивме дека по серијалот текстови објавен во „Фокус“ поврзани со крадењето скапа биолошка терапија на Клиниката за онкологија, денеска инспектори и обвинители ја „тресат“ клиниката, од Основното јавно обвинителство сооштија дека по нивни насоки, се преземаат дејствија за обезбедување докази.
-По насоки на Основното јавно обвинителство Скопје, со обезбедена судска наредба, од страна на МВР се преземаат дејствија во предистражна постапка за обезбедување докази кои ќе бидат предмет на анализи и вештачење со цел да се испитаат евентуални обележја на кривично дело, велат од ОЈО.
Ирена Мулачка