Флекенштајн: ЕУ треба да го смени правилото на консензус

by fokus

Советот на ЕУ мора да најде начин да се одржи меѓувладината конференција со Северна Македонија и Албанија, бидејќи мора да ја искористиме шансата сега, но исто така тоа е и наша обврска. Вашата земја испорача, а и Албанија. исто така, и сега редот е на Европската унија.

Ова во интервју за МИА го вели Кнут Флекенштајн, германски политичар и поранешен член на Европскиот парламент. Член е на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која е дел од Партијата на европските социјалисти (ПЕС). Тој беше и еден од иницијаторите на „Жан Моне“ процесот во земјава, со цел подобрување на политичкиот дијалог.

Флекенштајн во интервјуто за МИА посочува и дека ЕУ треба да размисли како да ги смени правилата на одлучување со консензус, бидејќи според него е неверојатно – како може една влада да ги спречи останатите 26 членки и да го блокира целиот регион.

– Се разбира дека билатералните прашања не треба да бидат пречка на европскиот пат. Ние имаме свои проблеми во Европската унија. Имаме правила кои не функционираат некогаш. Знаете дека треба да има консензус од сите 27 членки и тоа е речиси невозможно, особено кога се работи за надворешна политика и за проширувањето да имате вистински одлуки во вистинското време. Ние, во ЕУ, треба да размислиме како да ги смениме овие правила, бидејќи е неверојатно – како може една влада да ги спречи останатите 26 членки и да го блокира целиот регион.

Германскиот политичар учествуваше на првата Меѓународна конференција Преспа форум за дијалог што се одржуваше на 1 и 2 јули во Охрид.

Поврзани новости