Физика и Хемија ќе се учи и од прво до трето одделение

by fokus

Оваа новина ја најави Бирото за развој на образованието, од каде што истакнуваат дека математиката и природните науки ќе се изучуваат според адаптираните наставни програми од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ.

-Наставната програма по природни науки е застапена во четири содржински области: Научно истражување, Биологија, Хемија и Физика, а ќе се реализира со фонд од 2 часа неделно, односно 72 часа годишно. Наставната програма по математика е поделена на пет подрачја: Броеви, Математички операции, Геометрија, Мерење, Работа со податоци и Решавање проблеми, а ќе се реализира со фонд од 5 часа неделно, односно 180 часа годишно, информираат од Бирото за развој на образованието, од каде што даодават дека вака адаптираната наставна програма се фокусира на развивање на интересот на учениците за стекнување на научно знаење.

Од Бирото појаснуваат дека најпрвин ќе одржат обуки за наставниците, а ќе добијат и „Водич за наставници“, со совети за квалитетно планирање и реализирање на наставата. Објаснуваат  и дека адаптираните наставни програми имаат неколку главни карактеристики.

-Спирална наставна програма, ова значи дека учениците учат одредена тема, но подоцна во наставата се навраќаат на истата тема и ја изучуваат на повисоко ниво. Друга карактеристика е: Научни истражувања, чија што цел е да се насочат учениците на вистинскиот пат за да станат идни „научници“. И карактеристиката: Решавање на проблеми, односно учениците многу лесно ќе научат дека математиката и природните науки се важни и ќе помогнат во решавање на проблемите во секојдневниот живот, тврдат од Бирото за развој на образованието.

Дел од родителите за новините веќе биле известени на организирани родителски средби, кои се одржале во изминативе денови. Тие стравуваат дека нивните деца се премали за да ги изучуваат овие природни науки.

-Се плашам дека предметите Физика и Хемија се претешки за ученици на осумгодишна возраст. И во второ одделение бев постојано ангажирана, односно учевме заедно, па сега ќе треба добро да се подготвам и по овие предмети, вели мајка на второоделенец.

 

Поврзани новости