Непознат сторител вчера попладне физички го нападнал граѓанскиот активист Славчо Димитров. Без да биде предизвикан со нешто, непознатиот, очигледно со намера да го изврши нападот, без да преудупреди само се пуштил кон Димитров. Инцидентот се случил кај бензинската пумпа на „Макпетрол“ на крстосницата меѓу „Климент Охридски“ и „Орце Николов“. Ова не е прв случај граѓанските активисти физички, без никаква причина, да се напаѓаат по улица.
По насилието Димитров напиша:
„Денеска во 17 часот на силна дневна светлина, во центарот на градот, бев тенденциозно нападнат од непознато лице, очигледно дел од безличната маса на насилието што со години ја креира оваа монструозна власт. Со сигурен чекор насочен кон мене, громадна фигуретина, покривајќи го лицето и главата со качулка, н асамо неколку метри движејќи се наспроти мене ми пренесе „поздрав“ и ми удри силен бокс по што избега. Жалам што не успеав да слушнам што изговори откако рече „те поздрави“ бидејќи беше со здивен адреналин додека ја вперуваше тупаницата во мене. за среќа поминав со набиеница на вилицата и крв во устата. За жал беа загрозени и мојата пријателка и пријател кои во тој момент беа со мене. За жал јасно е дека нема ниту педа простор во овој град што е веќе безбеден. За жал демонстрацијата на насилието стана нивен трофеј. За жал, се зезнале ако мислат дека стравот кој ме тресеше додека црната маска ми го истрауматизира целото тело, ќе биде темел на мојата, на нашата иднина“.
По нападот тој пријавил во полиција, а во станица случајот го завеле како прекршок со нарушен јавен ред и мир. 24 часа по пријавата МВР се уште не го известила дали го пронашла напаѓачот и дали се сомнева во некого. Димитров побарал и лекарска помош за во иднина да има документација која ги потврдува неговите повреди на главата. Тој не може да претпостави кој е човекот што го нападнал, но според неговиот напис, власта е таа која создава клима во која секој насилник може кога сака и со кого сака физички да се пресмета. Особено во последно време до израз доаѓаат заканите кон новинари и граѓански активисти, кои со јавните настапи аргументирано ги критикуваат општествените и политички процеси.