Фирмите во слободните зони добиле помош од 75,5 милиони евра

by Фокус

Од 2017 до 2021 година, Дирекцијата за ТИРЗ доделила државна помош во вкупен износ од 75,5 милиони евра, од кои 37,5 милиони евра се директно исплатени од Буџетот, а 38 милиони евра се за даночните и царинските ослободувања, констатира Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај од извршената ревизија на „Развој и работење на технолошките индустриски развојни зони“.

Во извештајот е констатирано дека со Законот за контрола на државната помош, како и донесените уредби од Владата, не се утврдени поблиски и транспарентни критериуми за определување на висина на индивидуалната помош (број на странски инвестиции, број на вработени, извршени инвестициски вложувања и слични критериуми), при што државната помош се доделува без проценка на исплатливоста за утврдување на нејзиниот износ, без утврдена методологија за доделување, а со преговарање помеѓу овластените лица во Дирекцијата и корисникот на индивидуалната помош.

„Како резултат на недонесени стратешки и програмски документи, на површина од 153 хектари или на 30 отсто од вкупната корисна површина во периодот од 2012 до 2021 година Владата основала зони кои не се ставени во функција и не се оперативни и во кои од буџетот на Дирекцијата се вложени средства за основната внатрешна инфраструктура и експропријацијата на земјиштето во вкупен износ од 393.686 илјади денари или 6 отсто од вкупните инвестиции“, констатира ДЗР.

Најголемите инвестициски вложувања во нефункционални зони, како што посочуваат од ДЗР, се извршени во Гевгелија, Делчево и во Кратово.

Поврзани новости