Фирмата ЕДС во сопственост на вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев побара спогодбено раскинување на договорот со МЕПСО за испорака на електрична енергија за покривање на загубите во електропреносниот систем на Република Македонија потпишан во декември 2016 година.
Според барањето, причината за ваквата одлука е избегнување секаков можен сомнеж за судир на интереси.
– Поради перцепцијата во јавноста дека функцијата заменик-претседател на Владата на Република Македонија и позицијата доминантен сопственик во компанијата која испорачува, односно продава електрична енергија на Акционерско друштво во државна сопственост како што е МЕПСО претставува судир на интерес, бараме Договорот да биде спогодбено раскинат и ЕДС да биде ослободен за испорака на електрична енергија за месец ноември 2017 година – се наведува во барањето на компанијата доставено до МЕПСО.