Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-НП Љубчо Георгивски е всушност инвеститорот на новиот барокен хотел што ќе се гради под Кале.
Телевизијата Алсат објави истражување за фирмата ГМ Инвест Груп, која во вторникот победи на аукцијата на Министерството за транспорт и врски и ја купи парцелата за 44 евра за квадрат.
Според документите од Централниот регистар, фирмата купувач ГМ Инвест Груп од Струмица е во целосна сопственост на друга струмичка компанија, АМГ ЕДИЛХА. ЕДИЛХА пак, според тековната состојба, е компанија основана и во сопственост на физичко лице од селото Секирник, Босилово, но има и содружник, фирмата ВИП Проект од Скопје. Оваа фирма поседува две третини од вкупниот влог во Едилха, а струмичката фирма е всушност нивна ќерка-фирма.
Сопственик на ВИП Проект, како што објави Алсат, е физичкото лице Љубчо Георгиевски, чиј матичен број кореспондира со денот, месецот, годината и местото на раѓање на поранешниот премиер.
Овој хотел не е единствениот што ќе се гради под Кале. Вчера Министерството за транспорт и врски продаде уште едно државно градежно земјиште за 110 евра по квадрат преку електронска лицитација. Почетната цена за оваа парцела беше 61 денар или околу евро по метар квадратен. На крајот, Министерството продаде 2.350 квадратни метри за околу 260.000 евра.
Инвеститор на втората градежна парцела на која ќе се гради хотелот во барок стил е туристичката агенција и тур операторот Вардар Експрес.