Финска не е фрустрирана што Турција го кочи нејзиниот влез во НАТО

by fokus

Пред почетокот на министерскиот состанок на НАТО, финскиот министер за одбрана,Мико Савола кој присуствува како министер од земја поканета да стане членка, рече дека Финска не е фрустрирана што Турција го кочи нејзиниот влез во Алијансата.

-Се работи и за безбедноста на Финска. На Украина и помагаме со се што можеме: логистика, резервни делови. Финска е партнер. Досега дадовме 12 пакети за помош. Во однос на нашиот влез во НАТО, не сме фрустрирани што Турција се уште го нема ратификувано договорот за наше членство. 28 земји веќе го ратификуваа, остануваат само уште Турција и Унгарија. Така што ние чекаме и тоа да се случи, рече Савола.

Денеска состанок ќе одржи и контактната група за одбрана на Украина, таканаречената Рамштајн група на која се очекува да се потврди одлуката за испраќање на Леопард 2 тенкови, откако во јануари членките на групата не успеаја да се договорат за испраќање дополнителна воена помош на Киев.

За Фокус од Брисел
Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости