Финансиска помош за 87 компании, најголем дел се микро претпријатија

by fokus

Вкупно 87 компании ќе добијат финансиска поддршка за технолошки развој за надминување на последиците од Ковид -19 како дел од третиот пакет мерки на Владата.

Буџетот за реализација на оваа мерка е околу три милиони евра од кои 1,7 милиони евра се средства на Фондот за иновации и технолошки развој, а 1,3 милиони евра се сопствени средства на компаниите.

Најголем дел од компаниите или 60 проценти се мали претпријатија, 33 се микро и 7 проценти се фирми со средна големина.

Поголем процент, односно 76 отсто се компании кои за првпат аплицирале, 15 проценти се компании кои и претходно конкурирале на некои од јавните повици на ФИТР, но не добиле средства, а само девет проценти се компании кои досега користеле средства од ФИТР.

На јавниот повик аплицирале 166 компании, а во финална фаза влегле 123 компании. Оние чии проекти не се одобрени, ќе можат да ги образложат своите аргументи и да добијат можност за поддршка.

– Од 123 компании кои влегоа во финална фаза, Комитетот за одобрување на инвестиции достави свои коментари и до останатите 35 компании кои ќе имаат рок до крајот на месецов да достават свои аргументи во однос на она што Комитетот смета дека недостасува во нивните инвестициски планови, така што и тие ќе имаат можност да бидат дел од одобрените средства од првиот инвестициски циклус, истакна директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на денешната прес-конференција.

За првпат откога ФИТР објавува јавни повици, не е доминантен ИТ секторот, односно на овој јавен повик најголем дел од одобрените средства се за приватните здравствени установи, за компаниите од трговијата, машинската индустрија ……

Мерката е дел од третиот сет мерки што Владата ги креира за ублажување на последиците од Ковид кризата. Како дел од досегашните мерки се двете бескаматни кредитни линии Ковид 1 и Ковид 2 реализирани преку Развојната банка со кои беа вбризгани околу 15 милиони евра во стопанството, како и субвенционирањето на минимална плата од 14.500 денари со кое просечно во трите месеци – април мај и јуни биле поддржани околу 20 илјади компании со околу 120 илјади вработени. За граѓаните беа изработени 309 илјади платежни картички во вредност од 26,8 милиони евра.

Поврзани новости