Финансиска полиција во моментов собира докази за работењето на продукцијата на Манчевски

by fokus

Агенцијата за филм на 16-ти мај годинава објави дека поднела кривична пријава против продукцијата „Банана филм“ на режисерот Милчо Манчевски. Агенцијата се повикува на извршениот инспекциски надзор од Министерството за култура за проектите „Мајки“и „Врба“ и вели дека овластениот инспектор доставил информација и докази со предлог за проверка и постапување по истите проекти до Управата за финансиска полиција.

Како што велат од Министерството, инспекцијата ја спровеле токму на иницијатива на Агенцијата за филм. За филмот „Врба“ не е утврдено ненаменско користење на средствата или користење на средствата спротивно на Договорот, од причини што се придржувал кон Финансискиот и оперативен план за реализација на проектот.

Додека во однос на филмскиот проект ,,Мајки“ (за којшто поранешната НУ Филмски фонд, Скопје, во 2009 г. склучила Догoвор за финансирање со Банана филм – Скопје), Агенцијата за филм е известена дека не постои основа да биде извршен инспекциски надзор врз основа на Законот за филмски фонд, имајќи предвид дека Законот не е во сила, односно престанал да важи уште од 1 јануари 2014 г., со денот на применувањето на постојниот Закон за филмската дејност.

Бидејќи, Министерството немало надлежност да врши проверки за филмот „Мајки“ чиј договор бил склучен по стариот закон, Записникот од извршениот вонреден инспекциски надзор, заедно со Иницијативата од Агенцијата за филм, се доставени до Министерството за финансии, Управа за финансиска полиција, на „запознавање и евентуално натамошно постапување доколку Управата процени дека има основа за тоа“.

На нашето прашање до Управата за финансиска полиција дали оформиле предмет и до која фаза е истрагата, тие потврдија дека предмет има и во моментов се работи на утврдување на фактичката состојба.

Во врска со Вашите прашања Ве информираме дека во Управата за финансиска полиција е оформен предмет кој  е од Ваш интерес. Во тек се проверки за утврдување на фактичката состојба, како и прибирање на потребниот доказен материјал, но поради тајност на предистражната постапка согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка,не сме во можност за истите подетално да Ве информираме. За исходот од постапката,како и за утврдените факти, состојби и инволвирани страни,Управата за финансиска полиција со соодветен поднесок ќе го извести надлежното јавно обвинителство, велат од Финансиска полиција.

Режисерот Милчо Манчевски смета дека кривичната пријава против неговата продукција е политички прогон поради укажување на корупција. Тој во изјава за „Фокус“ објаснува дека уште во 2020 ги пријавил луѓето од Агенцијата за филм за незаконито работење и конфликт на интереси.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости