Филиповска: Парите се вратени, неправедно се валка моето име!

by fokus

Водителката Лила Филиповска демантира дека учествувала во измама на градежната фирма „Дан-Мак“, од каде што обвинуваат дека им биле земени 250.000 евра за наводно учество во ЕУ проекти за изградба на домови на стари лица.

Порталот МКД.мк објави изјави од наводно измамената Ена Норнилд, косопственичка на градежната компанија, која посочува дека пред две години поднела кривична пријава против Бојан Јовановски и Филиповска, а која според неа, била заборавена во некоја обвинителска фиока.

Лила Филиповска за „Фокус“ појаснува дека изминатиот период се води хајка против неа, со што и е нанесена огромна штета, поради валкање на нејзиното име и чест.

-Ноторна лага е тоа што го кажува госпоѓата, чие име и не сакам да го изговорам. Оваа хајка против мене трае веќе подолг период, со објавување на неточни и половични информации. Вистината е дека парите се вратени, за што доказ се и уплатниците кои ви ги доставивме. Во моментот се води граѓанска постапка, која е при крај, а која не треба да биде во интерес на јавноста, но очигледно е дека намерата е да се згази по мојата чест и углед, вели Филиповска.

Таа додава дека е злоупотребено нејзиното име, без притоа никој да ја праша за нејзината страна од приказната.

-Ова е крајно непрофесионален и некоректен однос од новинарите, кои не побараа моја изјава. Дотичната пак продолжува да ги злоупотребува медиумите и социјалните мрежи, наместо да остави судот да покаже кој е во право. Затоа моите адвокати ќе поднесат соодветни поднесоци за лажните искази, како и за нарушувањето на мојата чест и углед, вели Филиповска.

И нејзиниот адвокат, Валентин Пепељугоски, вели дека парите се целосно вратени.

-Од компанијата „Дан-Мак“ даваат лажна изјава дека не им се вратени парите, што не е точно, за што постои и материјален доказ. Зборуваат и за некаква изгубена добивка, што исто така е неосновано, бидејќи таа следувала само ако се реализира договорот. Инаку, поднесовме три кривични пријави за компанијата, нотарот и извршителот, а водиме и граѓанска парница за времена мерка за извршување, бидејќи од сметката на Филиповска веќе е одземен одреден износ, ни изјави адвокатот Пепељуговски.

„Фокус“ побара одговор и од обвинителството, од каде што демантираат дека предметот се чувал во фиока.

-Кривичната пријава најпрвин била отфрлена, а по жалба до Вишото обвинителство, биле дадени насоки да се извршат дополнителни проверки. Утврдено е дека парите се вратени, за што се доставени и уплатници, велат од Обвинителството, од каде што набрзо најавија повеќе детали за случајот.

В.В.

Поврзани новости