Како доктор, постојано се ангажирам за подобрување на професионалните услови за здравствените работници. Во изминатиот мандат значително ги покачивме платите на сите категории здравствени работници, но тоа не е доволно. Во следниот мандат потребно уште поголемо зголемување.
Ова го истакна носителот на листата на СДСМ во Изборната единица 4, Венко Филипче кој заедно со Соња Мираковска од НСДП остварија средба со доктори во Неготино.
-За да ги задржиме лекарите и здравствените работници тука, мора да добијат конкурентни услови за работа и плати како во европските земји. Треба да им понудиме соодветна поддршка и усовршување, повисоки плати и почитувана позиција во општеството. Не смееме да губиме здравствени работници – порача Филипче.
Филипче потсети дека во изминатите седум години многу е направено за подобрување на условите во здравството, а исто така истакна дека СДСМ постигна историски најголемо зголемување на платите на лекарите.
-СДСМ е првата политичка партија во Владата која повеќекратно ги зголеми платите во здравствената дејност, конкретно на здравствените работници, медицинските соработници и на техничкиот персонал. Планираме уште едно драстично зголемување на платите. Докторите специјалисти да имаат плата од 140.000 до 180.000 денари, општите доктори плата од 120.000 денари, а медицинските сестри плата од 60.000 до 90.000 денари – рече Филипче.