Нема никаква дилема дека СДСМ е исправен пред најголемиот предизвик од неговото основање. Резултатот на првиот круг на претседателските избори е под сите очекувања и го става на испит секој од нас, секој член на СДСМ, истакна Венко Филипче од предизборниот митинг во Неготино.
-Ќе имаме време за тоа да анализираме каде сме грешеле, и кој бил виновен за лошиот резултат. Ќе имаме време да ги менуваме работите и да ја градиме одново довербата кај граѓаните. Тоа мора да го започнеме првиот ден после изборите. Но, сега пред вториот круг, и на денот кога ќе се бираат пратеници, мора да се мобилизираме.
Имаме обврска заради генерациите кои доаѓаат да ја чуваме жарта за општествени промени да тлее. Ако сега се откажеме од борба, тоа е уништување на иднината за многу генерации.
Како во животот, во спортот, така и во политиката, нема вечни победници, ниту вечно поразени. Тешко е, но наша должност е повторно да се исправиме и да се избориме. Затоа, повикувам секој од вас да собере сила, заедно да одработиме за подобар изборен резултат, рече Филипче
Тој посочи дека СДСМ е единствена партија која го исправа кормилото на бродот кога тој ќе биде повлечен во погрешен правец.
-СДСМ е единствена партија која и покрај сите грешки, секогаш за водилка го има интересот и развојот на дражвата. Затоа, СДСМ им е потребен на граѓаните. Потребен е силен, достоинствен СДСМ кој ќе ја одржи и продолжи да ја промовира идејата за напредна и слободна држава.
Јас знам дека сите оние кои се незадоволни сакаат да испратат порака. Но, силно верувам дека никој не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола. Сите ние знаеме добро што се случува кога ВМРО-ДПМНЕ е без контрола: стануваат насилни, владеат со страв и уцени, ги користат новите партии како ЗНАМ и ги елиминираат кога веќе не им се потребни. Одговорни сме тоа да го спречиме!
СДСМ од своето постоење до денес најискрено ги темели своите политики на зачувување на придобивките од нашето минато. Понекогаш бевме сами на браникот на одбрана на НОБ и АСНОМ. Знаевме дека тие се темелите на нашата државност: ги почитувавме, ги одбележувавме и ги браневме кога овие другите ги рушеа и понижуваа. Ние, од СДСМ, никој друг.
Никогаш со нашите политики не сме го довеле во прашање опстојувањето и напредокот на државата. Да не дозволиме со погрешен избор да се врати национализмот, насилството и примитивизмот во политикта, апсењето новинари, прислушувањата и грабежот, вели Филипче.
Тој ги повика граѓаните да не наседнуваат на приказните дека „оние што седат во Белата палата, која е симбол на криминалот и корупцијата знаеле подбро од нас да се справуваат со корупцијата и криминалот“. Според него, ВМРО-ДПМНЕ ги плашела граѓаните со Тиранска платформа, а сега најавува коалиција со Приштинска платформа.
„Не наседнувајте на приказните за правда од оние кои пробаа да извршат убиства во Собранието за да не дојде до промена на власта. Не наседнувајте на лажните патриотски приказни на оние кои имаат резервна татковина, за кои патриотизмот е единствено чукање во гради додека државата пропаѓа во изолација. Тоа не е патриотизам, тоа е алатка за замајување на граѓаните. Каде се сега истите тие кои ве плашеа со некакви странски, тирански платформи? Каде се сега кога ДПМНЕ најавува коалиција со партиите кои се построија во Приштина и од таму праќаат политички пораки? Или сега Приштинска платформа не им пречи, туку ја повикуваат во коалиција“, праша Филипче.