Филипче: Струмичанец се тестира за корона вирус и двајца Бугари во домашна изолација

by Fokus

Струмичанец кој на 22 февруари се вратил од Италија денеска е на тестирање за корона вирус поради покачена температура и двајца Бугари кои работат во Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ се ставени во домашна изолација во Битола, потврди денеска на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

Работниците немаат симптоми на коронавирус, но се под здравствен надзор затоа што претходно биле во Италија, додека пак струмичанецот досега немал никакви индикации дека е болен се додека не покачил температура. Резултатите се очекуваат во текот на денот.

„Бугарските државјани ќе бидат во домашна изолација, односно под здравствен надзор 14 дена. Во тој период ќе се следат, односно ќе комуницираат со санитатни инспектори и надлежни од Центарот за јавно здравје. Тие немаат симптоми на болеста, но мора да се помине тој период од 14 дена под здравствен надзор“, рече Филипче.

Тој информираше и дека се размислува за ограничување на јавни собири, за што денеска на седница ќе расправа Владата и ќе донесе одлука.

– Нашиот предлог е да се забранат сите јавни собири каде има голема бројка на граѓани без разлика дали се во затворен или отворен простор. Сметам дека треба да се откажат сите големи јавни собири вклучително и спортските натпревари, рече Филипче и додаде дека предлогот е забраната да важи една недела и потоа доколку има потреба да се одлиучи дали ќе биде продолжена.

Засега единствен случај на лице заразено со коронавирисот останува веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје, која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај заразен со вирусот Ковид-19.

Пациентката, рече Филипче, се чувствува добро, и според лекарите веќе влегува во фаза на оздравување.

Останува во сила препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и препораката да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба.

Коронавирусот првпат се појави во Вухан, Кина, на 12 декември 2019 година. По брзото ширење на болеста, големиот број жртви и заразени, Светската здравствена организација (СЗО) на 30 јануари прогласи „меѓународна вонредна состојба“.

Болеста се пренесува преку респираторните патишта (кивање и кашлање), но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматски, во зависност од манифестациите на болеста. Клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хроинично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови. Околу 80 проценти од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, кај 15 отсто има некои компликации, а кај пет проценти има сериозни компликации. Смртноста е близу два процента.

 

Поврзани новости