Германскиот амбасадор Герберих порачува: Програмите на партиите се поважни од „бомбите“

by Фокус

Германскиот амбасадор во земјава, Томас Герберих, во интервју за „Слободен печат“ вели дека досегашната изборна кампања не е валкана, но, според него, таа не е ориентирана кон суштината.

-Секоја страна ја посочува другата како криминална, се зборува за „бомби“, но кога тие ќе експлодираат, не се толку силни за да мора да постои страв од нив. Би било важно за гласачите да знаат каква програма имаат партиите, во која насока сакаат да ја водат земјата во иднина, во интерес на граѓаните, на земјата. Кога тоа би се случило, мислам дека многу повеќе гласачи би излегле на изборите – вели Герберих.

Во врска со Законот за Јавно обвинителство, тој вели дека начелно нови закони не носат повеќе правда, туку, како што вели, шансите за зголемена правда и борба против корупцијата зависат од разумното имплементирање на законите.

– Законот за Јавно обвинителство од некои земји членки на ЕУ беше поставен како предуслов за започнување пристапни преговори, во областа на реформите во правосудството и добро е што овој закон се изгласа, но самиот тој нема да користи ако не се имплементира разумно. Тоа за мене значи дека случаите што ги започна или со кои се занимаваше СЈО, ќе бидат продолжени од регуларното ЈО и ќе имаат разумен крај, разумен резултат и дека луѓето што погрешиле, конечно ќе бидат казнети – истакна германскиот амбасадор.

Поврзани новости