За сите вакцини и лекови водиме сметка да се соодветно испитани и да ги имаат соодветните сертификати за квалитет и да се потврдени од регулаторните тела, изјави министерот за здравство Венко Филипче, во емисијата 24 Анализа.
Министерот Филипче, со доза на воздржаност најави дека очекува вакцините од Астра Зенека да стигнат на 31 март и 15 април, додека кинеските вакцини на 31 март, нагласувајќи дека системот е подготвен и точно се знае како ќе се одвива вакцинирањето.
Во однос на ставот на Европската агенција за лекови дека вакцината на „Астра Зенека“ е безбедна, министерот Филипче посочи, дека во однос на оваа вакцина посебно водат сметка и за тоа што го кажуваат националните агенции во ЕУ, кои времено го запреа вакцинирањето и ги следат сите релеватни истражувања.
Неколку случаи, посочи Филипче, излегоа во изминатиот период и тоа придонесе да се создаде сомнеж.
– Националните агенции на земјите каде што имаше несакани ефекти од вакцината преземаа мерки на претпазливост и времено го запреа вакцирањето со „Астра Зенека“. Што е нормално, да бидат внимателни и да се утврди ако има причинско последична врска. Релевантна инстутуција за тоа е Европската агенција за лекови, која излезе денеска со став дека дефинитивно не станува збор за компликации, заради кои што треба да се прекине или ствараат сомнеж. Дефинитивно вакцината е безбедна и нема причинско последична врска со овие случаи и верувам дека имунизацијата ќе продолжи, изјави Филипче.
За тоа зошто не е вакциниран, министерот Филипче, повтори дека лично ќе се вакцинира тогаш кога ќе стигнат поголемите дози вакцини.
– Регионалниот директор на СЗО Клуге вчера го потврди тоа дека уште на почетокот сме работеле заедно да го подготвиме нашиот систем и тој е целосно спремен. Меѓутоа се случи да се одложат два механизми, за кои голем број земји веруваа дека може порано да стигнат вакцините. Сега имаме повторно најава, но ќе го кажам со доза на резерва. Дозите ќе стигнат на 31 март и 15 април. Вкупно 100 илјади, но сепак и тие го кажуваат тоа со доза на резерва. Ова ќе биде количина од вакцина на Астра Зенека. И кинеските вакцини, според најавите, ги очекуваме до 31 март, изајви Филипче.