Министерот за здравство Венко Филипче, осврнувајќи се на епидемиолошкиот аспект, вчера истакна дека состојбата е стабилна, вклучително и состојбата со болниците каде практично секаде има слободни болнички капацитети.
Во однос на состојбата со корона вирусот согласно последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од случаите во изминатата недела, Филипче информираше дека хоспитализирани биле вкупно 71 од новозаболените што е намалување од 40,3 проценти во однос со претходната недела.
-Овој тренд го следиме во сите институции, каде се лекуваат ковид-пациентите, што е многу важно во однос на менаџирање на целокупниот болнички капацитет. Во болницата Козле останати сè уште неколку возрасни пациенти. Верувам од крајот на неделата понатаму ќе биде повторно наменета само за лекување на деца. Слободни кревети има на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, околу 70 окупирани. Значајно намалување на бројот на хоспитализирани пациенти има и во Градската општа болница „8 Септември“ – денеска околу триесетина, што дозволува постепено да се врати нормалното хоспитализирање, посебно на болницата „8 Септември“ преку системот Мој Термин“, потенцираше министерот Филипче.