Министерот за здравство Венко Филипче смета дека полициски час нема да има ефект за време на новогодишните празници и апелираше да се почитуваат мерките. Најави дека ќе дискутираат за евентуална дополнителна рестрикција во однос на работното време на места каде што може да се собираат луѓе.
-Мислам дека полициски час нема да има ефект за време на новогодишните празници. Зошто? Заради тоа што веќе имаме така добро димензионирани мерки, доколку се почитуваат даваат резултати и тоа впрочем се случува. Ние гледаме намалување на факторот на преносливост, на бројот на болниците во однос на тоа што беше на почетокот и првата половина на ноември. Но, евентуална дополнителна рестрикција во однос на работното време на места каде што може да се собираат луѓе тоа е тоа за што ќе дискутираме, изјави денеска Филипче во емисијата „Магазин“ на ТВ Сител.
Прашан за лекувањето, министерот Филипче посочи дека имало претпоставка оти многу лекови помагаат за оваа болест.
-Многу лекови беше претпоставка дека помагаат за оваа болест. Прво, многу е важно да се знае дека нема еден специфичен лек којшто помага само за овој тип на коронавирус, односно за КОВИД -19 и се што значи лекување е практично комбинација на лекови коишто биле креирани за други болести, на пример за ебола тој лек итн., а коишто се даваат врз основа на клиничката слика, односно манифестацијата на болеста. Осумдесет отсто од пациентите имаат лесна клиничка слика, меѓутоа тие што имаат комплицирана имаат навистина тип на клиничка слика или комбинација на презентација од страна на повеќе органски системи каде што досега не се видело. И во таа смисла јасно е како се одредуваат, кои се постапките како еден лек се утврдува дека е за една болест, клинички студии итн, изјави Филипче.