Во моментот кога стапив на функцијата министер за здравство, пред само две години, затекнав целосно застанат проект за изградба на болницата во Штип, затекнавме непотполн проект на кој што недостасува една цела фаза на електрика во машинството. Во текот на вчерашниот ден Министерството за здравство по институционален пат ги отфрли сите обвинувања во врска со паушално објавените наводи поврзани со реализацијата на проектот за изградба на Клиничката болница Штип – се по фактографска ретроспектива, реагира министерот за здравство Венко Филипче на обвинувањата на опозицијата за изградбата на штипската болница.
„Во таа смисла, сакам да потенцирам дека дополнителните 7 милиони евра со кои опозицијата денеска по којзнае кој пат проба да создаде медиумски процес, и кои се предвидени за изградба на КБ Штип не се за зголемени трошоци, туку се неопходни заради имплементација на фаза на електрика во проектот за машинство. ВМРО-ДПМНЕ пушти во реализација проект без една од суштинските фази на секој објект, без кој што болницата не би можела да функционира! Користејќи ја нивната неспособност и пропусти сега сакаат да ја доведат целата јавност во заблуда!
Имено, во ваква затекната ситуација на објект кој е од јавен интерес за сите граѓани, продолжување со работите и завршување на објектот како функционална болница беше единствена опција.
Второ, сакам да потенцирам дека во ниту една јавна набавка, Министерството за Здравство нема никаков формалноправен однос со фирмите подизведувачи (во овој случај тоа е фирмата “Бетон” Штип). Следствено на тоа Министерството нема примено банкарска гаранција од подизведувачот Бетон Штип, туку банкарската гаранција е на име на фирмата изведувач на овој објект “Интракат”. Од моментот на потпишување на договорот па се до денешен ден, постои валидна и активна банкарска гаранција која е на име на изведувачот “Интракат”. Ова е ноторна лага која ја пласира ВМРО-ДПМНЕ.
Трето, долготрајните и строги процедури на кои што подлежи постапката за обезбедување на кредит од развојната Банка на Советот на Европа не дозволуваат отстапки во делот на Изведувачот – промена на Изведувачот и промена на банкарска гаранција за квалитетно извршување на работите. Фирмата изведувач на КБ Штип е фирмата “Интракат“ и истата од моментот на потпишување на договорот има депонирана валидна банкарска гаранција, се вели во реакцијата на Филипче.