Сите мерки што ги планираме се во насока докторите да останат и да работат во нашиот здравствен систем. Направивме анализа за изминатите години, според која, околу 2.000 доктори заминале од земјата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
– Прво се зголемија парите кои ги добиваат за дежурства. Има сериозно зголемување на процентот на пари вкупно кои докторите, но и мединските сестри ги земаат на крајот на месецот. Ова е без зголемувањето на платите кое ќе биде во септември. Значи ќе има уште едно зголемување на сумата која ќе ја земаат здравствените работници во сите јавни здравствени установи, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Универзитетската Клиника за хематологија.
Дополнително на ова, посочи, работиме на подобрување на системот на едукација. Нагласи дека планираат странски експерти да учествуваат во системот на едукација во нашата земја.
– Планираме потпишување договор во Универзитетската болница во Франкфурт што треба да се случи во средината на јуни и работиме на изготвување договор за соработка со бугарското Министерство за здравство врз основа на која ќе идентификуваме сфери од интерес врз основа на нашите приоритети, од кои сфери односно специјалности нивните специјалисти ќе дојдат и ќе работат со нашите здравствени работници, додаде Филипче.