Министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес конференција, не сакаше да одговара на прашања поврзани со трагедијата што се случи во Тетово, односно за пожарот во модуларната болница, при што настрадаа 14 граѓани. Тој побара да не коментира додека тече истрагата.
-Дозволете ми да не коментирам бидејќи има истрага. Се надевам дека ќе ја прифатите оваа аргументација, не сакам никако да се сфати во некоја форма во која што не треба. Јас ќе бидам на располагање по завршувањето на тој процес, истакна министерот.
Тој додаде дека процесот на проверка и на комуникација со директорите на болниците, како и проверка од страна на Санитарниот инспекторат е завршен. Документацијата за модуларните болници, како што рече, е во проектната единица на Светска Банка во Министерство за труд и социјална политика и така е одговорено на барањата.
На прашањето пак дали е незаменлив, бидејќи премиерот Зоран Заев изјавил дека се потребни барем шест месеци за да се прилагоди негов наследник, Филипче одговори дека, според него, секој е заменлив.
-Не, секој од нас е заменлив, никој не е венчан за функцијата, таа е мој генерален став по однос на се, истакна Филипче.