Мерките што доследно ги спроведуваме, засега го даваат посакуваниот резултат. Клучната цел ни беше бројката на заразени да расте линеарно, а не експоненцијално и да не ни се случи сценарио од Италија каде здравствениот систем не можеше да ја издржи таа оптовареност. Многу беше важен тајмингот на имплементација на мерките. Ние, на пример, бевме прва земја во регионот што воведе контрола на аеродромите во момент кога тоа не беше направено во метрополи како Истанбул и Брисел. Се покажа дека рестриктивните мерки, социјалната дистанца, ограничувањето на движењата на двете групи помлади и повозрасни лица, едните да се движат допладне, а другите попладне, даваат резултати, рече министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното интервју на Нова ТВ.
Притоа тој нагласи дека тековните мерки ќе траат најмалку до крајот на април, а дали ќе бидат поригорозни или, пак, ќе се попушта во однос на забраната на движење, ќе покажат анализите на состојбата.
„Секоја земја има автетентичен пристап во однос на развлекување на кривата. Колективниот имунитет е, исто така, во моментот непознаница. Тој ќе се случи или можеби веќе се случува, но борбата ќе заврши кога ќе имаме вакцина. Мислењето на СЗО е дека кривата треба да се развлече, да се игра како што велат топло- ладно. Кога кривата расте да се заоструваат мерките, кога опаѓа да се попушта во однос на рестрикциите. Внимателно ќе се следи ситуацијата и во иднина може да бидат потребни рестриктивни мерки во одредени региони, доколку, на пример, се појави можност за втора крива, како во случајот сега во Кина, која деновиве огранични влез на странци од одредени држави“, изјави Филипче.