Филипче се сретна со директорите на клиниките, можно отворање на нови ковид центри

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче претпладнево одржа состанок со директорите на сите клиники од клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, на кој беше разгледана моменталната епидемиолошка состојба во однос на бројот на позитивни и болни пациенти, пациенти кои побарале и имале потреба од хоспитализација, наспроти бројот на слободни места и капацитетите на клиниките, како и можноста за отварање нови ковид центри доколку за тоа има потреба, соопшти Министерството за здравство.

– Во моментов освен Клиниката за инфективни болести со модуларната болница во нејзин склоп и Институтот за белодробни заболувања ТБЦ, работат и четири ковид центри на интерните клиники и тоа на клиниките за дерматовенерологија, неврологија, нефрологија и за гастроентерохепатологија. Деновиве се работи на средување на доводот на гасови на Клиниката за уво, нос и грло и на Клиниката за очни болести, кои до крај на неделата се планира да почнат да примаат пациенти, рече министерот Филипче.

Тој побара од директорите на хируршките клиники и директорот на Клиниката за кардиологија да достават план за ослободување на дел од капацитетите за ковид пациети доколку за тоа има потреба во престојниот период.

– Засега имаме стабилни бројки и според епидемиолошката слика очекуваме во периодот кој следи да има се повеќе исписи на пациенти и да се намали приливот на нови болни. Сепак, мора да бидеме подготвени за секакво сценарио, рече министерот Филипче на состанокот.

Освен за просторните можности, се разгледуваше и распоредот за ротација на лекари и на друг медицински персонал во ковид центрите, каде за тоа има потреба, секако притоа водејќи сметка да не се запре со редовната работа на хируршките клиники.

– Состојбата е сериозна и целиот задравствен персонал вложува надчовечки напор да го одржи системот и да ги згрижи сите пациенти. Ни претстои период во кој треба да останеме смирени и да го дадеме максимумот и како лекари и како институции, истакна министерот на состанокот.

Во наредните неколку дена се очекува да се разгледаат предлозите за отварање на дополнителни капацитети на сите клиники, стои во соопштението.

Поврзани новости