Филипче: Се надевам дека по овој трагичен случај сите граѓани, до еден, конечно ќе ја разберат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме

by Fokus

Министерот Венко Филипче изрази сочувство до семејството на починатата и порача уште еднаш да се разбере сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме.

-Изразувам искрено сочуство до семејството и најблиските на пациентката која почина од КОВИД-19. Денеска е трагичен ден за сите нас – коронавирусот ја зема и првата жртва во нашата земја. Се работи за 57 годишна жена од Куманово, која докторите и покрај своите максимални напори не успеаа да ја спасат. Се надевам дека по овој трагичен случај сите граѓани, до еден, конечно ќе ја разберат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме. Здравствените работници, Владата и сите државни служби прават сѐ во своја моќ да помогнат и ги преземаат сите потребни чекори. Но, сега, како никогаш досега, ни треба помош и од секој од вас. Апелирам повторно, да ги почитуваме мерките, без исклучок! За живот се работи“ – напиша Филипче на својот Фејсбук профил.

Сепак, тој за време на прес конференцијата изрази оптимизам што кривата на новодијагностицирани е многу поблага од онаа во другите земји и рече дека епидемијата се движи кон пикот

Меѓу пациентите кои се дијагностицирани со короноавирус има и сопственици на фабрики во Штип, кои биле на патувања во странство и биле во самоизолација.

Министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарски прашања денеска рече дека нема потреба од паника и епидемиолози веќе ги исконтактирале сите со кои тие контактирале. Повеќе податоци се очекуваат утре, а главно се насочени кон семејствата на овие заразени.

Едно од прашањата беше и за сопственик на фирма од Скопје, односно дали вработените се подложени на скрининг. Филипче рече дека сите кои се сомневаат можат да се јават во кол – центарот и од утре кај матичните лекари кои врз основана алгоритамот ќе одредат дали тие треба да бидат тестирани, односно дали имале контакт со заболен или  контакт со некој кој имал контакт со заболен. Филипче беше дециден дека не може секој да биде подложен на тестирање, туку мора да има причина за тоа, бидејќи во спротивно резултатите не се релевантни.

Филипче повика на трпение од оние  од кои се земени брисеви за тестирање,а се во домашна изолација, бидејќи како што рече потребно е време од околу 24 часа за да се обработат. Тој најави дека од утре ќе биде ставена во функција и лабораторијата на Ветеринарниот институт со што и капацитетот на обработка ќе биде поголем.

Најави и промени во начинот на кој се земаат брисеви кои се тестираат во клиниката „Жан Митрев“, каде досега, како што тврдат некои грашани, тие морале само да купуваат тестови од аптеките и сами да земаат брисеви. Од утре, најави Филипче, тоа ќе биде унифицирано и ќе го прават стручни лица.

Нема заболени вработени на Инфективната клиника, а одделот за психијатрија во болницата во Кавадарци е ставен под целосен карантин, откако лекарката и нејзиниот сопруг се дијагностицирани со ковид-19. Сите со кои контактирале се во изолација, како и примарните контакти, додека останатиот дел од болницата функционира нормално.

На прашањето, дали загрижува покачувањето на бројот на заразените, Филипче рече дека новата бројка е очекувана, како што и претходно најавија, и дека епидемијата се движи кон пикот. Сепак, тој изрази оптимизам што кривата на новодијагностицирани е многу поблага од онаа во другите земји.

„Овие мерки што сега се на сила даваа резултат и новите мерки ќе дадат во сленниот период, со што значајно ќе се намали иоака не така остриот пораст на заболени што во овој момент го имаме. Во епидемиологијата нема правила, туку само предвидувања на што влијаат многу фактори“, рече Филипче.

На забелешките од лицата кои доаѓаат од странство и со часови чекаат на граница за да бидат преземни и однесени во државен карантин, Филипче рече дека се очекува во соработка со Министерството за труд да биде надминат и овој проблем и повика на трпение додека се разработи овој систем.

Најави дека ќе има нова јавна набавка на респиратори, откако претходната беше поништена, поради тоа што ниту еден од економските оепратори не гарантирал дека тие ќе можат да се достават за кусо време. Филипче потврди дека постапката ќе се повтори, но потенцира дека државата засега располага со доволен број од 120 респиратори од кои 85 во Скопје, а само еден  пациент досега е на респиратор. Сепак посочи дека таа резерва ќе треба да се дополни.

 

 

Поврзани новости