Направивме постапка за јавно приватно партнерство заедно со општината Ѓорче Петров и Министерството за труд и социјална политика, за изградба на нов објект во кој ќе има целосно нова амбуланта во близина на Поликлиниката во Ѓорче Петров, разговоравме со градоначалникот, се чека измена на деталниот урбанистички план, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека од општината очекуваат дека тоа ќе се заврши во следните два месеци за да може да се почне со имплементација на тој проект и изградба на нов објект во кој треба да има целосно нова амбуланта, градинка и друго, што ќе биде како содржина инвестирано од економскиот оператор.
– Нашата постапка за реновирање ја завршивме и сме подготвени да излеземе на терен. Минатата недела, оваа недела што следи и следната се прават обиколки на сите најстари амбуланти ширум државата. Веќе направивме првичен наш распоред покрај деловите, влезовите во Интерните клиники, Ургентниот центар, Инфективната клиника, сето тоа во рамки на Клиничкиот центар. Приоритет ставивме на амбулантата во Ѓорче Петров. Но, ќе разговараме уште еднаш со претставници на соодветната служба во општината дали треба сега тоа да се направи или сепак доволно е краток периодот да можеме да почекаме да не реновираме нешто што за кратко време ќе се урне, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на реновираниот вакцинален пункт во Поликлиниката во Ѓорче Петров, каде е набавен и нов рендген апарат.
Тоа што можеме да препорачаме во оваа ситуација во која навистина интензивно се посветивме на решавање на овој проблем и на други проблеми во други амбуланти кои се во лоша состојба надвор од Скопје, потенцира, е ако дојде набрзо периодот кога таа амбуланта ќе се урне и таму ќе почне изградба на нова, да направиме распределба на матичните лекари и сите служби во зградите кои треба да се реновираат дали тука или во Заводот за геријатрија за што веќе првично се разговара.
– Навистина сме подготвени после подолг период да инвестираме во инфраструктурата, нешто што е запоставувано многу години и тоа што најмалку сакаме е да инвестираме и да се реновира нешто што наскоро ќе биде урнато. Верувам дека граѓаните ќе разберат. Апсолутно сфаќам дека таму има лоши услови меѓутоа ги преземаме сите чекори што можеме да направиме за да ја зајакнеме таа инфраструктура, додаде Филипче