Откако денеска Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача дека тој не може да зборува за злоупотреба на професија бидејќи тој не знае што е професија, бидејќи нема професија.
„Александар Николоски очигледно не знае што е злоупотреба на професија затоа што тој нема професија. Како доктор и хирург моја работа е да им помагам на пациентите секогаш кога можам. Николоски треба да знае дека пациентите ги бараат докторите, не обратно, а наша обврска е да одговориме и да помогнеме. Јас планирам да продолжам да го правам, а Николоски нека се обиде да си најде професија и да сработи нешто корисно за луѓето. Ваквите јалови, нечовечки напади на Николоски ќе го носат само надолу. Причината за ова однесување на ВМРО-ДПМНЕ е паниката која ги има фатено околу резултатот во изборната единица четири, каде ги чека големо изненадување“ вели Филипче.
Претходно Николоски рече дека Филипче им правел услуги на пациентите заради гласови.
„Мојот противкандидат во ИЕ 4 секојдневно ја злоупотребува неговата докторска професија за која е платен како и секој друг што е вработен во државава и не прави никому услуга со тоа што лечи пациенти, туку тоа му се обврска. Гледате секојдневно како ја злоупотребува својата лекарска професија“ – изјави Александар Николоски.