Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција посочи дека во овој момент има доволно респираторни машини, но воедно истакна дека во тек е набавка нови респиратори, кои, како што рече, се запрени во Бразил со одлука на тамошната Влада. Затоа, тој истакна дека се прават дипломатски напори за да бидат обезбедени овие машини што побрзо.
-Многу земји го запреа извозот на респираторни машини бидејќи си ги чуваат за нив и нивните пациенти. Добра вест е што добивме потврда од Кина дека за нас се резервирани 200 респираторни машини. Податоците покажале дека 5 проценти од заболените имаат потреба да бидат вклучени на респираторни машини, односно на 1.000 пациенти, 50 од нив се на апарати – рече Филипче.
После тоа, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј портпарол Димче Арсовски обвини дека набавката на респиратори е скандалозна, бидејќи, како што рече Арсовски, Филипче од 4 понуди ја фаворизира најскапата.
-Денес, сосема спротивно од вчера, Филипче соопшти дека Бразил е фаворизиран и пред да биде донесена одлуката тој преговара со понудувачот кој има неколку илјади долари повисока цена, единечна цена за респиратори. Согласно нашите информации, од останатите 3 понудувачи, дури 2 имаат пониски цени од понудувачот од Бразил. Значи тој ја фаворизира бразилската понуда од 24.800 долари, а отфрла понуди од 7 илјади долари пониски или пак неколку илјади долари пониски – истакна Арсовски.