На средина сме од новиот бран на вирусот, согласно со времетраењето на брановите од околу осум недели, ова е некаде шестата недела. Навистина е голем притисокот во болниците, ние тоа го менаџираме со интензивна работа и координација на сите директори во јавните здравствени установи каде што се сместуваат пациенти. Нема да дозволиме да нема слободни места, се заземаат клиники кои досега не беа ангажирани и тие се опремени и има кадар, изјави министерот Венко Филипче.
Во изјавата за ТВ Телма, Филипче рече дека масовната имунизација се планира во април и ќе почне со главната количина од 200 000 дози што ќе стигнат од Кина и од поголемата количина од вкупно 200-те илјади од Русија.
Од претставници на компанијата и од Руската амбасада вчера, рече, е добиена потврда дека ќе стигне втората количина од вакцината „Спутник В“ и се очекуваат информации и за останатите количини од руската вакцина. Во завршна фаза е и договорот, а се однесува околу транспортот, за кинеските вакцини на „Синофарм“, а според последните информации од минатата недела, временската рамка за доаѓањето на вакцините на „АстраЗенека“ од КОВАКС-механизмот е за две до три недели.
– Планираме масовната вакцинација да почне во април, иако ова се одолговлечи неколку недели и сите земји се соочени со истиот предизвик – недоволно производство за да се задоволат потребите. Освен системот што го планираме – вакцинацијата да се спроведува преку здравствените домови, планираме уште еден објект, најверојатно салата „Борис Трајковски“, каде што на повеќе пунктови на едно место ќе се спроведува дел од масовната вакцинација, изјави Филипче.