Сакаме да набавиме одредена количина лекови против маларија, кои покажаа добри резултати кога станува збор за лекување пациенти заразени од коронавирусот, рече министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
– Во текот на следната недела очекуваме да добиеме одговор од компанијата што ги произведува лековите за маларија, па се надеваме дека ќе успееме да набавиме одредена количина – рече Филипче.
На прашањето дали има потреба студенти по медицина да се вклучат во борбата против коронавирусот и да им помогнат на лекарите, министерот рече дека таква потреба засега нема.
– Спремни се мерките до Владата. Очигледно е непочитување на препораките. Има сериозна бројка на граѓани кои не го сфаќаат сериозно ризикот од вирусот. Мерките ќе ги заостриме и тие ќе дадат резултат само ако целосно се почитуваат. Сега сме во фаза кога бројот на заразени пациенти расте, а кога се споредуваме со другите земји, нашата крива е поблага. Тоа се должи на мерките што досега беа спроведени, а со нивно заострување ќе опадне и бројот на новозаразени – објасни министерот.
Филипче објасни дека заразените пациенти кои имаат и други здравствени проблеми ќе можат да бидат оперирани во скопската болница „Осми септември“.
– Имавме состанок со директорите, а на состанокот беа присутни и епидемиолозите. Во болницата „Осми септември“ веќе е поставена патеката на движење на заразените пациенти кои имаат потреба за друга интервенција. За нив има посебни амбуланти, посебни соби, посебни кревети и посебни машини – рече Филипче.
На прашањето дали земјава ќе ги следи чекорите на Хрватска и на Бугарија, каде што најголемите спортски сали вчера беа претворени во болници, Филипче одговори дека засега не се размислува за такво нешто.
-Ние сме спремни, имаме околу 500 кревети. Дискутиравме за оваа можност на денешниот состанок, но експертите сметаат дека ова треба да биде најпоследна фаза во пристапот на лекување. Засега, во болница ќе бидат тие пациенти кои имаат потреба од респираторна машина, а дома може да бидат заразените кои имаат добра здравствена состојба – одговори министерот.