Филипче ја поздрави одлуката на Пендаровски и појасни што значи вонредна состојба

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче вечерва ја поздрави одлуката на Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.

Воедно, тој даде појаснување што значи вонредната состојба:

-Ја поздравувам одлуката на Претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба. Сега Владата ќе може брзо и ефикасно да управува со ресурсите на државата и навремено да реагира на предизвиците кои ни претстојат и на здравствен и на економски план.

 Што значи вонредна состојба?

Вонредна состојба значи дека Владата добива и Законодавна и Извршна власт. Со тоа, се олеснува работата на Владата во време на кризи и истата може да носи одлуки за добро на граѓаните многу побрзо и поефикасно.

 Како Владата го прави тоа?

Преку носење на Уредби со сила на закон, кои важат само додека трае вонредната состојба.

 Дали ќе има полициски час или ограничување на движењето?

Во овој момент нема таква одлука, следете ги сите понатамошни одлуки на Владата и ќе бидете информирани за евентуални ограничувања на движење.

 Дали треба да направам резерви на храна?

Не, во државата има доволно резерви и на храна. Останете во своите домови, не излегувајте доколку немате потреба и купувајте онолку колку што ви треба.

Придржувајте се до мерките и препораките, само тако побрзо и полесно ќе ја надминеме оваа состојба.

Поврзани новости