Филипче: Има слободни кревети, засега нема да се става во функција старата „Систина“

by fokus

Има слободни кревети во секоја јавно-здравствена установа. Пациентите се трансферираат по системот на ротација и координација. Има и план доколку се пополнат капацитетите, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Верува дека актуелните мерки ќе дадат резултат и оти за 10-тина дена ќе има промена на епидемиолошката слика.

– Сега имаме состанок со претседателот на Комисијата за заразни болести во однос на бројките и трендовите што сега се актуелни. Секојдневно ја следиме ситуацијата така што ќе видиме во однос на некои евентуално дополнителни мерки, изјави Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција.

Во Скопје, како што соопшти, во функција се ставени интерните клиники, а има и план доколку се исполнат капацитетите што се на располагање. Во опција е просторот во стара Систина, но засега, како што посочи Филипче, нема потреба, бидејќи модуларните болници се сериозен капацитет од 10.000 метри квадратни со 600 кревети.

– Има план и тој е истиот од почетокот, со тоа што никогаш не стигнавме до тој момент, а тоа значи да запре работата во јавните здравствени установи, освен за итните и малигните, и сите да се посветат на третман на ковид пациентите, рече Филипче.

Очекува дека рестриктивните мерки ќе дадат резултат. Сериозен вектор на трансмисија на вирусот, како што посочи, биле младите кои контактирале и по затворањето на угостителските објекти.

– Сметаме дека младите како една група на граѓани кои беа активни и многу често комуницираа и по затворањето на угостителските објекти, беа сериозен вектор на трансмисија на вирусот и поради тоа сметам дека во следните 10-тина дена ќе има промена на сликата. Сега бројката е нешто под илјада, следиме дали ќе има зголемување, но верувам дека овие мерки ќе дадат резултат, истакна Филипче.

Поврзани новости