Филипче и Царовска на онлајн состанок со Ходаи: Наставата ќе продолжи со истите мерки како и досега

by fokus

Министрите за здравство, Венко Филипче, и за образование, Мила Царовска, денеска на состанок со претставниците на Сојузот на средношколци и неговиот претседател, Бленди Ходаи порачаа дека наставата во второто полугодие продолжува со истите мерки и препораки, како и досега.

Како што соопшти Министерството за здравство, на состанокот се потенцирало дека и во второто полугодие наставата во основните и средните училишта продолжува да се одвива онлајн. Исклучок од ова се учениците од прво до трето одделение кои посетуваат настава со физичко присуство во училница, согласно капацитетите на училиштата за спроведување на планот и протоколите на Министерството за образование и наука и со одобрување од родителите.

-Ја следиме епидемиолошката состојба и доколку следните месеци се покаже стабилизирање ќе донесеме други одлуки, но тоа ќе се случи откако ќе бидеме сигурни дека трендовите со намалување на новозаразени со ковид ќе продолжат, истакнал Филипче.

Инаку, Средношколскиот сојуз вчера ги повика матурантите на бојкот на наставата, бидејќи МОН не ги прифати нивните барања за намалување на бројот на предмети на државната матура од четири на два.

Поврзани новости