Грција потврдила дека дел од првата пратка на вакцини што ќе стигнат во Атина ќе и даде на нашата земја.
Министерството за здравство, како што вели министерот Венко Филипче, преговара за набавка на над 800 000 вакцини против ковид – 19 по три механизми.
-Во петокот, добивме потврда од Грција. Имав разговор со грчкиот министер за здравство, кој, по разговорот со премиерот Мицотакис потврди дека од нивната прва количина, што ќе стигне во Атина за нивното население, една количина ќе издвојат и за нас. Практично ги користиме сите инструменти, вклучувајќи го и Ковакс механизмот што ни беше прв на располагање и секако преку овие директни договори на земји членки на ЕУ да обезбедиме одредена количина вакцини и за нас, рече министерот за здравство, во гостување на Сител.
Тој појасни дека минатата недела бил платен авасот за вакцината против ковид- 19, со што е потврдено дека ќе ја исплатиме целата сума за набавка на 833 000 вакцини, за околу 400 000 граѓани.
-Освен оваа набавка преку Ковакс механизмот, остварен е и директен контакт со Фајзер и Астра Зенека. Третиот механизам е преку Европската Унија, таа нарача 200 милиони вакцини за земјите членки и уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплицираме за 800 000 дози и од овие 100 милиони дози. Вакцината ќе биде бесплатна за сите граѓани, велат од Министерството за здравство.