Државата во целост гарантира за квалитетот на вакцините, вели во интервју за Дојче Веле министерот за здравство Венко Филипче. Тој вели дека не смее да остане несанкционирано ширењето невистини и замајувањето на јавноста.
-Тенденцијата на граѓаните да не ги вакцинираат своите деца доаѓа од силните антивакцинални кампањи кои се темелат на псевдонаука, следење на несоодветни веб страници и погрешни информации по социјални мрежи. Понатаму, невакцинирање се случува и поради недоволната информираност на населението за квалитетот и безбедноста на вакцините од една страна, но и недоволната едукација на лекарите и спремност за комуникација и одговор на поставените прашања од страна на родителите. Дополнително постои силна недоверба во здравствениот систем, која се должи на долгогодишните погрешните политики во здравството, како и законот за лекови за паралелен увоз, кој сега го менуваме, вели Филипче.
Тој вели дека вакцините се квалитетни.
-Во потполност се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите се од реномирани производители од земји на Европската унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди. Вакцините од производителот до краен корисник – децата, се транспортираат, складираат и чуваат на соодветна температура од 2-8 степени. Секоја пратка се прима и проверува од страна на преставници од Министерство за здравство и Агенцијата за лекови, а Агенцијата за лекови по опсежните анализи издава одобрение за пуштање во промет. Да напоменам дека овие вакцини се употребуваат и во земјите каде се произведуваат, истакнува министерот.