Министерот за здравство Венко Филипче вечерва на прес-конференција информира дека е направен список на лекари кои се обучени, подготвени да работат со пациенти на интензивна нега.
– Се работи за анестезиолози и медицински сестри кои работат во одделите за интензивна нега. Околу 200 лекари и 400 медицински сестри. Ги исконтактиравме и пензионираните инфектолози, експерти од оваа област кои можат да работат со овие пациенти. Тоа се лекари кои се подготвени, на чекање, доколку треба да се вклучат во процесот на лекување на пациентите, рече Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека во моментов на располагање се околу 1.400 тестови за коронавирусот.
– Ние завршивме една постапка со која дополнително набавивме 1.000. Највата е дека секоја недела може да имаме 1.000. Самиот Институт за јавно здравје почна постапка со која набавува близу 5.000 тестови. Сметам дека бројот на тестови е доволен, рече Филипче. Потсети дека од утре пациентите можат да закажат кај матичните лекари за тестирање.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека денеска до пладневните часови се стигнати околу 100 наши државјани од европксите земји и се упатени во објектот во Демир Капија. Најавата, како што рече, беше дека околу 2000 наши државјани ќе се вратат и сите ќе бидат во соодветна изолација по доаѓањето.
Прашан дали ќе добиеме хуманитарна помош од Кина, Филипче информира дека разговараат со претставници на Амбасадата на НР Кина и оти дефинитивен одговор се очекува на почетокот на следнава недела.
Повтори дека за сите оние кои нема да се придружуваат на мерките за заштита од коронавирусот ќе има санкции.
Филипче рече дека досега во МВР има еден дијагностициран пациент со коронавирус, но како што рече, тоа го кажувам со резерва.
Министерот за здравство информира дека значајно е намален бројот на пациенти заболени од сезонски грип. Додаде дека ниту еден пациент не е оставен на страна, а се одложуваат интервенции само ако се можни.