Филипче: Дисперзијата останува, зависниците ќе земаат метадон пред лекар

by Fokus

Со опремување на повеќе пунктови во Скопје и дисперзија на пациентите ќе се олесни работата на Центарот за зависници во Кисела Вода, каде се лекуваат над 500 лица. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека во тек е опремување на пунктовите во поликлиниките Јане Сандански и Ченто, како и во психијатриската болница во Бардовци, со што значајно ќе се намали бројот на пациенти во Кисела Вода.

Тој смета дека сега е хаотична ситуација во која овие лица не може да добијат соодветен третман и се отвора можност за злоупотреба на препаратите.

– Тоа е сликата кај нас која е создадена за овие лица и доколку навреме биле соодветно третирани, помал број на повеќе места, воопшто немаше да биде така. Во Градската општа болница ‘8 Септември’ има Центар за третман на зависници и не сме чуле дека има проблем. Бројката е помала, не доаѓаат секој ден и терапијата ја примаат во присуство на лекар и со тоа се намалува можноста за злоупотреби, рече Филипче.

Тој смета дека овие пациенти не треба да се изолираат во еден центар и кажа дека по вчерашниот состанок со градоначалниците на Аеродром и Гази Баба, со невладини организации и со граѓани, договориле да се разговара со населението. Министерот рече дека е свесен  оти има отпор кај населението, и оти главно е затоа што мислат дека она што се случува во Кисела Вода сега само ќе се префрли во другите општини.

-Развиваме европски модели и ќе работиме заедно со општините и граѓанските организации за нивно имплементирање. Ќе работиме со населението за да им укажеме дека сликата која сега ја имаат дека не е вистинска во однос на таа која ќе биде кога ќе се случи дисперзијата, бидејќи големиот број пациенти, над 500, кои сега се лекуваат во Кисела Вода е проблем. Со помал број пациенти на повеќе места ќе нема проблем со медицинскиот отпад и нема да биде расфрлан, а нема да има и проблематични случаи оти ќе имаат психолошка поддршка, рече Филипче.

Тој рече дека во тек е опремувње на овие пунктови, а дека во иднина планираат да доуредат простор и во останатите поликлиники, но претходно ќе разговараат и со локалното население. Според него, проблемот со Центарот во Кисела Вода е стар над дваесет години и дополнително се усложнил кога пред две години бил затворен Центарот на скопските клиники.

Поврзани новости