Министерството за здравство не склучило договор за набавка на реагенси за јавните здравствени установи со фирмата што се споменува во јавноста, соопшти денеска на прес конференција, министерот за здравство, Венко Филипче по реакциите во јавноста дека новоформирана фирма, без било какво искуство, е единствена која се пријавила на тендерот тежок 35 милиони евра. Како што вели тој, постапката е во фаза на евалуација и се уште не е спроведена електронска аукција. Доколку се утврдат неправилности во документацијата, вели Филипче, тоа ќе биде основ за поништување на постапката.
-Станува збор за тригодишна јавна набавка за тестови и реагенси за хемиски имунолошки, хематолошки и коагулациони анализи и проценетата вредност за истата е висока, но заштедата за буџетот на граѓаните е голема. Доколку не постигнеме заштеда тендерот ќе биде поништен. Целиот процес беше транспарентен и отворен за јавноста а на јавното отворање беа присутни претставници од граѓанскиот сектор и надворешни претставници на компаниите – рече Филипче.
Според него, концептот на централизација на медицинските лаборатории ќе има голем бенефит за македонските граѓани, бидејќи станува збор за европски модел со цел реформирање на здравствениот систем.
-Концептот на централни набавки овозможува максимално искористување на средствата, а во таа насока Министерството ќе има можност да ги контролира и предвидува трошоците за тестирање без оглед каде тие се изведуваат – рече Филипче.
Инаку, на тендерот единствено се пријави компанијата АХР ЛАБ формирана во април годинава. Иако управителот на компанијата Александар Јовановски е пријател со Јордан Мијалков, син на шефот на тајната полиција за време на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков, сепак, од опозицијата обвинуваат дека со овој тендер владејачкиот СДСМ сака да им се оддолжи на мега-донаторите.