Филип Андов: Јакимовски лаже, не е повеќе ВМРО-ДПМНЕ на власт за да местат луѓе да одат во затвор

by Fokus

Откако поранешниот градоначалник на скопската населба Карпош, Стевчо Јакимовски вчера обвини дека бил физички нападнат од советник на премиерот Зоран Заев, додека се движел по улицата во близина на Трговскиот центар „Беверли Хилс“ кај Католичка црква, експресно со реакција се јави и повиканиот во приказната Филип Андов.

Тој во изјава за „Фокус“ тврди дека екс градоначалникот лаже, дека физички не го нападнал и дека тие двајцата биле стари партиски пријатели со оглед на тоа што Јакимовски на времето беше во СДСМ.

„Инцидентот се случи во вторник околу 11 часот на кружниот тек кај Католичка црква. Се сретнавме случајно. Јакимовски беше со уште двајца други и застанаа со пријателот што беше со мене. Тогаш, тој се сврте накај мене и почна вербално да ме напаѓа и навредува. И јас исто така вербално го нападнав, а тој што беше со него почна да врти по телефони. Тоа беше се, немаше никаков физички контакт. Јакимовски лаже дека сум го нападнал физички, а лаже и дека наводно не ме познава – истакна Андов, кој е советник на премиерот Зоран Заев за Град Скопје.

Тој додава дека екс градоначалникот бил во Карпош да пријави, но го известиле дека треба да се обрати во полициската станица во Центар.

„После цел ден му текна дека треба да пријави и објави во нивните медиуми дека бил физички нападнат, што не е точно. Што мислат дека нивната гарнитура се уште е на власт, па ќе местат луѓе за да одат во затвор – додава Андов.

Од друга страна, Јакимовски вчера на дел од медиумите излезе со обвинувања дека бил физички нападнат.

„Во еден момент едно од четири-пет насобрани лица ми се обрати на мене со одредени прашања, за што застанав и коректно му ги одговорив. Потоа, другото лице кое ме запраша дали го познавам, му реков дека не го познавам. Ми рече дека го викале Сокол и во еден момент ме опцу и тргна физички да се пресметува со мене. Енергично беше спречен од моите двајца пријатели. Ние веднаш бевме спремни да им ја исполниме желбата за физичка пресметка иако беа петмина – тврдеше Јакимовски.

И.М.

 

Поврзани новости